ЈАВЕН ПОВИК ДО ОПШТИНИТЕ И ОПШТИНИТЕ ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ И ПОТЕНЦИЈАЛНИ ДАВАТЕЛИ НА УСЛУГИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА АПЛИЦИРАЊЕ ЗА ГРАНТ ЗА РАЗВОЈ НА СОЦИЈАЛНИ УСЛУГИ

Министерството за труд и социјална политика го имплементира Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) со финансиска поддршка од Меѓународната Банка за обнова и развој (Кредит Бр: 8902–МК). Проектот има за цел да го подобри пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и пристапот до социјални надоместоци и услуги.

Една од главните цели на проектот е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, согласно потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица.

Општините заедно со потенцијални даватели на услуги можат да аплицираат за грантови наменети за проекти за развој на следните социјални услуги:

услуги на советување

услуги во домот (Помош и нега во домот и Лична асистенција)

услуги во заедницата (Центар за дневен престој за бездомни лица, Центар за дневен престој за лица со попреченост, Центар за дневен престој за стари лица, Центар за рехабилитација,  Центар за привремен престој на деца кои ќе се затекнат без родителска грижа или како скитаат и деца жртви на злоупотреба, Центар за бездомници, Центар за жртви на семејно насилство, Центар за жртви на родово-базирано насилство и Центар за жени жртви на сексуално насилство и силување, Центар за жртви на трговија со луѓе, Центар за одмена на семејна грижа).

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

Потребни документи за аплицирање се:

  1. Формулар за аплицирање,
  2. Одлука за формиран совет за социјална заштита на општината, градот Скопје и општините на градот Скопје за подрачјето на општината или изјава дека истиот ќе го формира до денот на почнување на давање на услугата,
  3. Социјален план за подрачјето на општината или изјава дека истиот ќе го обезбеди до денот на почнување на давање на услугата,
  4. Скрининг листа за проверка на состојбата со животната средина и општествените аспекти – ССЖССА,
  5. Договор/меморандум за отстапување без надоместок на општински простор на давател на услуга во рок не помал од 10 години или потпишана изјава од градоначалникот за отстапување на просторот, или

5.а. изјава од ко-апликантот за просторот во сопственост или договор за закуп на простор на организацијата во кој ќе се лиценцира соодветната услуга,

  1. Имотен лист за просторот во кој ќе се лиценцира соодветната услуга,
  2. Договор за соработка (партнерство) со кој се регулирани обврските на двете договорни страни, за развој на соодветната социјална услуга.

Обрасците на Формуларот за аплицирање и Скрининг листата за проверка на состојбата со животната средина и општествените аспекти – ССЖССА треба да се преземат од Оперативен прирачник за администрирање на грантови за развој на социјалните услуги, достапен на: www.ssip.mk (www.ssip.mk/dokumenti-za-komponenta-1).

ВИСИНА НА ДОДЕЛЕНИ СРЕДСТВА

Износот на средствата и нивната висина се утврдува како максимален износ пресметан како збир на:

  • Трошоци за воспоставување на социјалната услуга, во максимален износ до 30.000 евра во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Северна Македонија, сметано на денот на објавување на повикот,
  • Трошоци за давање на социјалната услуга за период од 12 месеци.

Трошоците се пресметуваат врз основа на:

– позитивните прописи кои ги уредуваат нормативите и стандардите за обезбедување на соодветната социјална услуга,

– Елементи за формирање на цените за воспоставување на услугите во зависност од стандардите и нормативите за социјалната услуга (достапна во Оперативен прирачник за администрирање на грантови за развој на социјалните услуги, поставен на: www.ssip.mk, (www.ssip.mk/dokumenti-za-komponenta-1),

– Трошковник за воспоставување на социјални услуги (поставен на: www.ssip.mk; Документи за компонента 1),

–  Одлука за утврдување на цени на социјалните услуги за давање на услугите, и

–  Поднесен предлог проект од страна на апликантот, со планирани трошоци за воспоставување и давање  на социјалната услуга.

Трошоците пресметани согласно наведените документи и согласно процедурите за набавки наведени во Оперативен прирачник за администрирање на грантови за развој на социјалните услуги и одобрени од страна на Единицата за управување со проектот, се сметаат за оправдани трошоци.

Неоправдани трошоци кои не можат да се финансираат со средствата на грантот се:

  • Купување на земјиште;
  • Принудно национализирање на земјиште;
  • Набавка на користена или половна опрема и мебел;
  • Други трошоци кои не се предвидени во договорот за грант;
  • Трошоците кои не се спроведени согласно процедурите за набавки наведени во Оперативниот прирачник за администрирање на грантови за развој на социјалните услуги и не се одобрени од страна на ЕУП.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР

Критериумите за избор на апликации кои ќе бидат поддржани се наведени во Оперативниот прирачник за администрирање на грантови за развој на социјалните услуги, поделени во две групи.

Првата група за пред-селекција се критериуми кои кумулативно треба да бидат исполнети и се однесуваат на:

  • подобност на апликантите,
  • комплетност на апликацијата,
  • усогласеност со буџетска рамка за воспоставување и давање на социјалната услуга,
  • проценка на влијание врз животна средина и социјални аспекти.

Предлог проектите кои ќе ги исполнат критериумите за пред-селекција преминуваат во фаза на евалуација, согласно втората група на критериуми за селекција:

  • капацитет на потенцијалниот давател на услугата,
  • релевантност на проектот,
  • квалитет на предлог-проектот,
  • додадена вредност.

По објавениот јавен повик, секоја општина и потенцијален давател на услуга може да поднесат само еден проект.

Краен рок за достава на апликации е 25/08/2022 година до 16.00 часот.

Апликациите треба да се достават електронски на е-меил адресата:
info.ssip@mtsp.gov.mk  и по пошта на следната адреса:

Министерство за труд и социјална политика
Проект за подобрување на социјалните услуги
Даме Груев 14, 1000 Скопје,
Република Северна Македонија,

со назнака: за Наташа Тасевска Стојановска, координатор за администрирање на грантови, Апликација за грант.