• A  A  A  A  
За социјалната реформа

Долгорочна и стратешка цел на Владата на Република Северна Македонија е намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал како основа за севкупниот општествен развој. Иако земјата има релативно добро развиен и функционален систем на социјална заштита и заштита на децата, за да се справи со предизвиците на сиромаштијата, потребно беше да се спроведе нова серија на реформски активности за подобрување на опфатот, ефективноста, ефикасноста и целокупната испорака на социјални придобивки и услуги на поинклузивен начин. Новиот систем на социјална и детска заштита ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани, но и на децата од сиромаштија.

Принципите на кои се гради новиот систем на социјална и детска заштита се следните:

  • Плурализам во социјалната заштита
  • Инклузија
  • Децентрализација
  • Деинституционализација

Плурализацијата во давањето услуги на социјална заштита значи дека, покрај државата која е основен нејзин носител, во социјалната заштита се вклучуваат и други носители: приватни правни лица, физички лица и здруженија на граѓани. Вклучувањето на овие носители во давањето на услуги од социјална заштита значи: (1) развој на други облици на социјалната заштита во домот и во заедницата - односно проширување на видот на услугите; (2) подобра социјална заштита за сите категории на социјално исклучени лица, особено за оние за кои државата не успеала да обезбеди соодветна заштита; (3) поголема достапност до сите социјално загрозени поединци, семејства и групи на население; (4) приближување на социјалните услуги до граѓаните и вклучување на семејната и граѓанската поддршка во социјалната заштита и (5) воведување на конкурентност и подобрување на квалитетот на услугите.
Принципот на инклузија значи промена од традиционалниот пасивен во активен пристап на испораката на социјална заштита. Стратегијата подразбира комбинирање на традиционалните гаранции за финансиска помош со мерките на активација, а со цел да се намали зависноста од социјалната заштита и да се зголеми потенцијалот за вработување.
Децентрализацијата на социјалната заштита со оглед на специфичноста и сложеноста на функциите се одвива постапно и овој процес вклучува пренесување на јавните установи за згрижување на старите лица и заштита на децата (установи за згрижување и воспитание) од централната власт на единиците на локалната самоуправа, а останатите социјални услуги зависат од локалните развојни планови според локалниот контекст. Единиците на локалната самоуправа со сопствени програми за социјална заштита, кои треба да се засновани на потребите на граѓаните од општината, можат да ја организираат социјалната заштита за ранливите групи, како што се: лицата и децата со попреченост, децата без родители и родителска грижа, децата на улица, децата со воспитно-социјални проблеми, децата од еднородителски семејства, лицата изложени на социјален ризик, лицата кои злоупотребуваат дроги и други психотропни супстанци и алкохол, стари лица без семејна грижа итн. Овие активности може да се изведуваат преку социјална заштита и услуги во домот, во заедницата или вон семејството, обезбедување на домување за лицата изложени на социјален ризик и преку подигнување на свеста на населението за потребите од обезбедување на социјална заштита. Министерството за труд и социјална политика ќе ја преземе улогата на надзор над законитоста на органите на општината и давателите на услугите во спроведувањето на законите и прописите од областа на социјалната заштита.
Деинституционализацијата е процес на кој со новиот Законот за социјална заштита му се дава клучно место. Меѓународните искуства покажуваат дека моделот на големи институции треба да се замени со други облици на заштита на корисниците во домот и во заедницата. За таа цел, со законот се врши проширување на постојните видови на дневни центри со нови видови на дневни центри и центри за дневно и привремено згрижување, услуги за поддршка во домот, индивидуализирани социјални услуги за различни категории на граѓани во ризик. Со имплементацијата на новите форми на социјалните услуги се поддржува и процесот на деинституционализација, преку искористување на потенцијалите на семејството, односно на локалната заедница, зголемување на можноста за реинтегрирање во заедницата, но и повисок квалитет на услуги поради индивидуалниот пристап кон овие лица. Од друга страна, на подолг рок тоа ќе значи и намалување на трошоците.