Совремието во кое денес живееме и ги воспитуваме и едуцираме нашите деца, носи нови предизвици и методи и техники, кои се во склад со инвентивните модели на родителство и соодветствуваат со новото време. Но , за жал се подзабораваат оние убави и традиционални вредности, кои ја даваат топлината и душата на воспитувањето. Добро е да биде детето воспитано и едуцирано во духот на современото и модерното, но во склоп на тоа да се вметнат и оние традиционални елементи кои ќе ја дадат нитката и ќе ја заокружат целината на воспитно-едукативниот процес.
Сентенци кои треба да ги користат и во современото родителство и кои му даваат посебен сентиментален дискурс на детето.
Кажете и покажете љубов и благодарност
Прегратката и милниот збор „те сакам“ или „љубов си ми“ посебно значат за чистата дестка душа. Колку и да сте зафатени и пребукирани со работни обврски, времето за нежност и пренесување на вистински вредности на вашето дете не смее да биде заменето со ништо, ниту пак изоставено и пропуштено. Ништо не се надокнадува, она што денот го носи, посебно за детското внимание, не може да се занемари и пренасочи. Милните зборови, пропратени со насмевка, топла прегратка, нежност, му даваат сигурност на детето и ја искажуваат искрената родителска љубов. На тој начин детето почнува да стекнува и доверба, ја зацврстува катадневно љубовта кон родителот и постепено станува свесно за сопствената среќа која ќе ја надградува во текот на животот.
Старата мудрост вели дека „убавиот збор железни врати отвора“. Секое дете се чувствува убаво кога ќе биде замолено, ќе му биде заблагодарено и ќе биде пофалено. „Ти благодарам“, „леле колку си вреден/на“, „одлично го стори тоа“, „браво за тебе“, се можеби обични зборови, но за детската чиста душа и совест се волшебни и многу значат. Во секоја пригода, без оглед дали станува збор за некоја секојдневна рутинска работа што ја сработил или ви помогнал во нешто или ви поддал нешто, заблагодарете се. Тоа има двоен бенефит: му давате на значење дека е вредно, дека направило нешто корисно и добро, а од друга страна го воспитувате и тоа така да се однесува, да искажува благодарност и пофалба во текот на неговиот живот и тие вредности полека, но сигурно стануваат дел од неговиот вредносен систем.
Внимание, разбирање и воспитување
Времето поминато со вашето треба да биде квалитетно поминато време. Не е важно колку часови или минути поминувате, нај важно е времето што го поминувате да биде максимално исполенто и корисно. Може вие два часа да седите со детето, но од тие два часа поголемиот дел да одговарате на телефонски повици, да читате нешто што не е поврзано со детето, да гледате некоја серија и слично. Тоа не е продуктивно родителско време. Секој миг треба да биде исполнет со соодветна содржина. Доколку сака да ви раскаже нешто ислушајте го без да го прекинувате, внимателно и заинтересирано, така ќе сфати дека вие навистина сте длабоко заинтересирани за неговата приказна или активност и истовремено ќе научи и тоа со внимание да ги слуша луѓето. Доколку нешто погреши, на себе својствен начин ќе му укажете на грешката, без викање, непотребно казнување, а најмалку пак со вербално насилство. Убаво ќе му објасните каде е наговата грешка, употребувајќи примери за негова возрст и на тој начин ќе ја сфати граешката и ќе внимава во иднина. Објаснете му што е добро, а што лошо, што е правилно, а што погрешно, што е убаво, а што негативно, примери со ликови кои се негов модел за имитација и идентификација , на тој начин многу побрзо и полесно ќе ги сфати и научи моралните дилеми.
Ајде да играме, да пееме и да се смееме
Игрите и игровните активности се клучни за развојот на детето. Преку игри тоа учи, прима вредности и морални норми. Играта треба да биде проследена со смеење, да биде доволно интригантна и забавна за него и самото дете да посака повторно да ја игра. Со смеа, со песна и игра многу полесно детето се учи на навики, се социјализира и ги учи правилните и посакувани животни вредности. Дури и активности кои подразбираат средување на играчки, диплење на алишта, местење на кревет, нека бидат проследени со некоја приказна, песничка и опуштена атмосфера, на тој начин многу полесно ќе ги исполнува задачите кои подоцна ќе станат и негово секојдневие. Смејте се, прегрнувајте се и заедно планирајте, само на тој начин правилно и посакувано ќе ги сфати и научи сите животни вештини, кои ќе бидат ѕвезди водилки во текот на целиот негов живот.