Скопје, 22.08.2022 – Социјалната услуга Помош и нега во домот ги покажува своите бенефити на терен. Во тоа се увери Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска при денешната посета на корисници на оваа услуга во општината Чучер Сандево. На увидот во општина Чучер Сандево присуствуваше и градоначалникот на оваа општина Сашко Комненовиќ. Преку оваа услуга лицата на возраст од над 65 години кои не се во можност целосно самостојно да се грижат за себе добиваат помош и асистенција од лиценцирани негуватели во извршувањето на секојдневните животни активности.
Социјалната услуга Помош и нега во домот е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка, а е дел од сеопфатната социјална реформа во земјава.
„Плодовите на социјалната реформа се веќе видливи, тие не се идно, туку се сегашно време. Добрите искуства на корисниците од услугата Помош и нега во домот се потврда на оправданоста за нејзиното спроведување, но во исто време и поттик за дополнително подобрување на поддршката која го унапредува животот на нашите сограѓани на кои им е неопходна помош. Само со таква континуирана посветеност ќе можеме да ги исполниме основните цели на социјалната реформа – зајакнување на човечкиот капитал, подигнување на квалитетот на животот во земјава и намалување на сиромаштијата. За нивно исполнување неопходна е мултисекторска соработка и ние сме им благодарни на сите вклучени чинители, меѓу кои и на локалните самоуправи, за нивната улога во спроведувањето на децентрализацијата, која е еден од столбовите на социјалната реформа која ја спроведуваме“, рече министерката Тренчевска.
Во Чучер Сандево и во Бутел вкупно 50-тина возрасни лица ги користат придобивките од оваа услуга откако таа беше воведена во јули минатата година. За нив се грижат 25 негуватели организирани преку лиценцираниот давател на овие услуги, граѓанското здружение „Адра“, како партнер на двете општини.
„Согледувајќи ги потребите на своите повозрасни сограѓани, Општината аплицираше за оваа услуга која засега се спроведува кон осум корисници на нашата територија. Услугата е бесплатна и подразбира помош од страна на лиценциран негувател во домот на корисникот. Благодарност до министерството и целиот тим којшто ни овозможи да воведеме ваква значајна услуга за старите лица. Преку неа тие знаат дека државата и Општината не ги заборавиле“, изјави градоначалникот на Чучер Сандево Сашко Комненовиќ.
Покрај придобивките за директните корисници, спроведувањето на новите социјални услуги отвора можности за нови вработувања кај давателите на услуги и тоа токму на лица од социјално ранливите категории на граѓани. Дополнително, преку нив се зголемува достапноста на социјалните услуги на локално ниво и во руралните средини.
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а се очекува да бидат опфатени повеќе од 1100 корисници.
Во тек е реализацијата на вториот јавен повик со кој Министерството ги покани општините, во партнерство со даватели на социјални услуги, да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво.