Социјално менторство – подадена рака и ветар во грб во моменти кога се изгледа далечно, невозможно и недостапно.
Како изгледа поддршката кога е најпотребна?
Во разговор со социјалната менторка, Марија Цветановска Трпески, добивме длабок увид во процесот на менторирање на корисници на гарантиранa минимална помош (ГМП). Таа е дел од тимот ментори на ПАБЛИК кои го поддржуваат излегувањето и задржувањето на пазарот на труд на лица кои што од различни причини останале невработени. Поставивме три клучни прашања:
1️⃣ Кои се нивните силни и слаби страни?
2️⃣ Што ги мотивира да се активираат на пазарот на труд?
3️⃣ Кои вештини ги поседуваат, а каде има простор за подобрување?

Прочитајте го текстот и дознајте како менторството станува алатка за трансформација, охрабрување и враќање на вербата во себе.
Кои ги сметате за силни, а кои за слаби страни кај ГМП корисниците?
Секоја индивидуа има свои силни и слаби страни. За жал, лицата со кои што работам како социјален ментор, со текот на времето се убедиле дека слабите страни се доминантни кај нив. Траумите, сиромаштијата, изолацијата, непрепознавањето на капацитетите, семејните околности и незнаењето како да превземат нешто за да го променат животот и секојдневието се најчестите причини лицата од ранливи категории во кои што влегуваат и значаен дел од ГМП корисниците, да заглават во вртлогот на животот и невработеноста.
Низ процесот на менторирањето, јас како ментор подавам рака да нурнеме заедно подлабоко во себе и да видиме што може да излезе на виделина, кои позитивни страни ги има лицето и што може да се искористи од тие капацитети. Секој од нас, длабоко во себе носи нешто големо што за жал, во многу случаи останува скриено. Живеењето долго време во комфорна зона станува тешко, напнато, неизвесно и изолирано секојдневие во кое најголемото верување најчесто е “не можам”. На менторските сесии работиме на трансформација на лимитираните верувања и заеднички се впуштаме во нови предизвици и ги совладуваме. Како ментор, влегувам во чевлите на лицето и го водам низ тој процес на промени, согласно можностите.
Во суштина, програмата на ПАБЛИК е многу сеопфатна и темелна и носи јасна слика за чекорите што треба да ги изодиме со менторираното лице. На почетните средби се запознаваме и утврдуваме дали можеме да работиме заедно. Потоа утврдуваме кои се желбите на лицето, потребите, предностите и недостатоците како и кои се чекорите кои јас како ментор е потребно да ги превземам во свои раце. Следно, го поддржувам лицето во аплицирање на огласи и се подготвуваме за интервју за работа. И откако лицето ќе се вработи поддршката од страна на менторот продолжува. Би рекла дека овде доаѓа клучната поддршка зашто излегувањето на пазарот на труд за овие лица е влез во непознато. Се случуваат и изразени стравови и панични напади… Затоа овде дополнително реагираме со ангажирање на психотерапевти.
Што, според Ваше мислење, би можело да го мотивира корисникот да се активира на пазарот на трудот?
Моето скромно искуство покажува дека на овие лица им е важно да почувствуваат дека се разбрани, видени, почитувани. Програмата на ПАБЛИК го овозможува токму тоа – поддршка што ќе им овозможи на лицата да се видат во едно поинакво светло, да се доживеат на поинаков начин, да бидат слушнати и поддржани. Со ваква основа секој следен чекор е полесен. Секако дека важен фактор за мотивација се финансиите, но не се и пресуден бидејќи овие лица се научени да функционираат со ограничени средства.
Конкретно кај моите менторирани лица , мотивираноста за работа е голема, но на многу интервјуа не се добива работата поради немање искуство. Тука се јавува прашањето, како една индивидуа да стекне искуство доколку не добие шанса?! Сметам дека ова е генерален проблем, но особено до израз доаѓа кај ГМП корисниците кои долг период се надвор од пазарот на труд или пак никогаш не биле дел од него.
Кои вештини ги сметате за добро развиени кај вашите менторирани лица, а во кои области би можеле да се подобрат?
Јас сум релативно млад ментор, ова е мое прво менторско искуство. Но, можам да заклучам дека со мојата скромна бројка на менторирани лица, навистина добро се слушаме едни со други. Работиме веќе четири месеци, со многу доверба еден во друг, преку отворен и искрен однос. Можам да кажам и дека менторираните лица со кои што работам се свесни за она што го сакаат, она што не го сакаат, што можат, а во што им треба подобрување. Некои се отворени за учење, заинтересирани, вредни и исполнителни. Потребни се многу разговори, многу поддршка од нас како социјални ментори- да подадеме рака и да бидеме ветар во грб.
За жал, многу често овие лица запаѓаат во улога на жртва и тешко е да се издигнат, да станат борци, но не е невозможно. Социјалното менторство тоа го овозможува. Да се биде поддршка и ветар во грб на лица кои носат планини на своите раменици е огромен благослов за мене како социјален ментор! Верувам дека тие можат многу, само потребна им е шанса. А социјалното менторство на ПАБЛИК го овозможува тоа.
Марија Цветановска Трпески
Социјален ментор – Асоцијација за истражување, комуникации и развој ПАБЛИК



