Социјалното менторство претставува клучен мост меѓу ранливите граѓани и нивното активно учество на пазарот на труд. Во фокусот на ова интервју е улогата на социјалниот ментор како поддршка, водич и мотиватор за лицата кои се корисници на Гарантирана минимална помош (ГМП). Тие се соочуваат со бројни предизвици – од стравови поврзани со напуштање на системот на социјална заштита, преку долготрајна невработеност, до социјална изолација и намалена самодоверба.
Преку разговор со Филип Кузмановски – социјален ментор, добиваме увид во тоа како изгледа процесот на менторирање, со какви ситуации и потреби се соочуваат корисниците, и како изградбата на доверба станува основа за личен и професионален напредок. Филип ја споделува реалноста од терен, комплексноста на системот и моќта на поддршката која може да го промени нечиј живот – од зависност до самостојност.
- Како изгледа еден типичен прв состанок со корисници на Гарантирана минимална помош?
Првиот состанок е запознавање, објаснување што во суштина значи социјалното менторство и каква поддршка ќе добијат, како и каква е улогата на социјалниот ментор, со јасно нагласување дека процесот е поддржувачки, доверлив и доброволен. Важно ни е да почувствуваат дека ние како ментори сме нивниот ветер во грб, некој што ќе им го осветлува патот кон влезот и задржувањето на пазарот на труд.
Лицата со кои што работам најчесто се повеќегодишни приматели на социјална помош, и обидот за поместување—за излегување од нивната комфор зона, како и стравот дека ќе ја загубат помошта—ја прават оваа средба понекогаш и многу тешка. Нашата цел не е да ги убедуваме; нашата цел е да им покажеме што е возможно со повеќемесечната поддршка од наша страна.
- Со какви предизвици најчесто се соочуваат примателите на ГМП во секојдневниот живот?
Пред сè, би рекол дека се соочуваат со стравови и верувања дека социјалната помош е најсигурното примање, затоа што доаѓа од државата. Се плашат како ќе се снајдат на пазарот на труд, се плашат да не бидат избркани од работа, и тие стравови го кочат нивниот напредок.
Голем дел од овие лица се и на неформалниот пазар на труд, и комбинацијата на социјалната помош со примањата од неформалната економија придонесува тие да не сакаат формални вработувања. Нема да бидам исклучив – постојат најразлични случаи. Има и лица кои поради различни семејни или лични причини останале надвор од пазарот на труд и имаат желба за промена, но искуството ни покажува дека нивниот број е помал. Во суштина, ние како ментори сме среќни кога ќе лоцираме вакви случаи – тие најчесто стануваат наши менторирани лица.
Факт е дека многу од нашите менторирани лица се соочуваат со социјална изолација, стигматизација и намалена самодоверба, и ние како ментори значајно сме фокусирани на промена на себеперцепцијата кај нив. Секако, овде ја вклучуваме и психолошката поддршка од страна на сертифицирани психолози кои се дел од нашата програма.
Би сакал да напоменам дека кај дел од корисниците се присутни и здравствени предизвици, вклучувајќи хронични заболувања, како и семејни предизвици – грижа за деца или за стари лица. За да направиме поместувања кај вториве, исклучително ни е важна соработката со институциите, и од брзината на нивните реакции во голема мера зависи успешното заокружување на менторскиот процес за вработување.
- Зошто е потребно економското зајакнување и независноста од системот на социјална заштита на лицата кои се приматели на ГМП?
Кај лицата со здравствени проблеми социјалната помош треба и да се зголеми, но кај работоспособните лица социјалното менторство за вработување мора да стане задолжително, затоа што отворени работни места има.
Зошто е потребно економско зајакнување? За да си го подобрат квалитетот на живот и за да имаат одржлива иднина. Економското јакнење придонесува и кон зголемување на самодовербата, чувството на лична вредност и одговорност кај корисниците.
Затоа улогата на социјалното менторство е да обезбеди поддршка, мотивација и насочување кон активни мерки, со цел корисниците постепено да преминат од состојба на зависност кон активно учество во општеството и економијата.
- Како е да си социјален ментор? Со какви ситуации се имате соочено во процесот на менторирање?
Менторот е поддршка, осветлувач на патот – некој што верува дека промената е можна. Мојата работа е да ги поттикнам лицата со кои работам да го видат својот потенцијал, и кога ќе го препознаат, станува сè полесно. И ова не е едноставен процес – понекогаш трае и многу, многу подолго од планираното. Кога ќе се случи тоа, фокусот го ставаме на тоа како тој потенцијал да се надградува и да биде во служба на развојот и позиционирањето на лицето на пазарот на труд.
Не можам да кажам дека е лесно да си ментор – предизвикувачки е. Но, свесен сум за комплексноста на системот во кој делуваме и предизвиците со кои се соочуваат лицата со кои работам.
Со што најчесто се соочувам на терен? Со ниска мотивација и недоверба кон институциите, особено кај корисници со долготрајно искуство на сиромаштија и социјална исклученост. Она што го препознавам кај големиот дел од нив е и страв од промени.
Затоа, најважно од сè ми е да изградам доверба – затоа што кога има доверба, има и развој. Внимателно ги слушам, ги мотивирам, ги поттикнувам да бидат љубопитни, информирани, активни и посамостојни во справувањето со актуелните и идните предизвици.
Она што ме фасцинира во програмата на „Паблик“ е тоа што не решаваме само акутен проблем, туку кај корисниците развиваме вештини кои ќе им носат бенефит на долг рок. Програмата не носи само вработувања – програмата менува животи.
Филип Кузмановски
Социјален ментор – Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“



