
– Кои ги сметате за силни, а кои за слаби страни кај ГМП корисниците?
Секој од нас има свои потенцијали и свои потешкотии. Начинот на кој еден човек одговара и се справува со нив го карактеризираме како „силни и слаби страни“. ГМП корисниците имаат во изобилие и од двете.
Јас, како „слаба страна“, би ја издвоила изолацијата од пошироката животна средина и неможноста и незнаењето како да се излезе од неа, како последица на недовршено образование или незнаење како да се претстави себеси на пазарот на трудот, стравови поврзани со финансии и со прекинување на гарантираната минимална помош, како и присуството на психолошки фактори.
Само замислете колкав предизвик ви е на секого од вас да престанете со некоја навика која ја правите со години, дури и кога навиката е лоша за вас. Според мене, овие лица, поттикнати од тешките животни околности, станале снаодливи, креативни и издржливи, што претставува нивен потенцијал. Имаат практични животни и работни искуства кои и те како се потребни на пазарот на трудот. За дел од нив, поддршката која ја дава оваа програма на ПАБЛИК и социјалното менторство е доволна за придвижување на работите.
– Што, според Ваше мислење, би можело да го мотивира корисникот да се активира на пазарот на трудот?
Работата како социјален ментор со овие лица покажува дека најважен е човечкиот фактор. Лицата сакаат да бидат слушнати, видени и разбрани. Доколку едно лице е поддржано и почитувано, тоа и самото ќе започне да верува во себе и во своите способности.
Покрај тоа, сметам дека е важно лицето да го пронајде своето лично „зошто“, односно причината поради која сака да се активира на пазарот на трудот.
Откако лицето ќе ја види придобивката од вработувањето, мотивацијата за задржување на пазарот на трудот е поголема.
– Кои вештини кај корисникот ги сметате за добро развиени, а во кои области би можел да се подобри?
Секое лице не поседува ист сет на вештини; тоа варира од човек до човек. Но, како што реков погоре, сметам дека секое лице поседува вештини, способности и потенцијали кои можат да бидат основа за успешно вклучување на пазарот на трудот. Важно е тие да се препознаат и негуваат, но и да се пронајде усогласување меѓу способностите на лицето и барањата на работната позиција.
На овој начин, лицето би чувствувало дека придонесува и би ја градело самодовербата, а од друга страна работата би била извршена непречено.
Паралелно, потребно е да се работи и на вештините кои се недоволно развиени, а се важни за успешно извршување на работните задачи и одговорности, како што се дигитални вештини, вештини за барање работа, организација на времето и работни навики итн.
Овој процес бара соработка и координирана поддршка на повеќе нивоа – од социјален ментор, до работодавач и поддршка на работно место, како и релевантни институции кога тоа е потребно.
– Дали корисниците кои се сега вработени имаат нови погледи и промени во начинот на живот, за нив и/или за членовите на нивните домаќинства?
Кај корисниците се забележуваат промени во секојдневниот живот, на личен план и во семејната динамика.
Кај семејството, потребно е да се помине низ процес на адаптација, кој е различен за секого и кој бара време, поддршка и разбирање. Семејството се прилагодува на новите обврски; се наоѓаат нови начини за организирање на времето, грижа за децата и домашните обврски.
Освен финансиските промени кои неминовно се случуваат по вработувањето, се забележува и зголемена самодоверба, чувство на корисност и вклученост во заедницата. Кај дел од лицата се менува и перспективата за иднината и можностите, а позитивните промени се одразуваат и на останатите членови во семејството и околината.
Како инспиративен пример би го навела менторираното лице кое успешно води свој бизнис, кој започна со негова идеја, поддршка од мерките за самовработување и континуирана менторска поддршка. Подоцна во процесот е вработено и лице од семејството, што значително ја подобрува економската состојба на домаќинството.
Бојана Постолова,
Социјален ментор – Асоцијација за истражување, комуникации и развој ПАБЛИК



