Децата од 4 до 6 години почнуваат да ја развиваат својата независност, да формираат вистински пријателства, да ги учат правилата на игра и развиваат важни животни вештини. Ова е период кога тие почнуваат да го истражуваат светот надвор од нивниот дом. Ова е возбудливо, но знае да биде и страшно!
Неколку совети како да им помогнете како родители во овој период од растењето.
- Поставете граници
Кога децата прават нешто спротивно на правилата, објаснете едноставно и со неколку зборови што е тоа што го направиле погрешно и што ќе се случи доколку однесувањето продолжи. Последниците треба да бидат логични, значајни за нив и едноставни. На пример, доколку не носи заштитна опрема за возење велосипед, нема да смее да го вози велосипедот следните два дена.
- Создадете рутини кои ќе ги одржувате, децата сакаат да знаат што следи и нивното однесување е најдобро кога знаат што да очекуваат. На пример, секој ден одвојте време за разговор и слушање. Децата се чувствуваат важни кога возрасните одвојуваат време да разговараат со нив. Прашајте го вашето дете: Кој беше најдобриот, а кој најтешкиот дел од денот? Потоа и вие раскажете му го вашиот ден. Или пак прашајте ги за нивните пријатели и во какви активности уживаат.
- Доделете им одговорности
Кога малите деца ги копираат секојдневните задачи во домаќинството, тие учат како да придонесат. Со ваша помош активностите ќе бидат завршени, лесно и за кратко време. Следете како самодовребата на детето расте со секој изминат ден 😊. Како што растат децата, тие можат да започнат да преземаат и малку потешки задачи и одговорности, како што се:
- Поставување на масата
- Собирање на нивните играчки
- Хранење на домашните миленици
- Ставање валкана облека за перење
- Капењето и облекувањето
- Научете го на правила за безбедност со возрасни
Сакате вашето дете да ги почитува и да им верува на другите, но исто така треба да го научите да биде внимателно. На пример, можете да му кажете: „Ако возрасно лице побара од тебе да направиш нешто за што не си сигурен дека е во ред, секогаш прашај ме мене прво. Нема да ти се налутам што прашуваш“ или „Никој никогаш не смее да ти каже да чуваш тајна од мене. Ако се разделиме најди полицаец и побарај помош.“
- Помогнете му на вашето дете да стане добар пријател
Да се биде добар пријател е важна вештина на која можете да го научите вашето дете! Децата на оваа возраст од 4 до 6 години учат што значи да се биде пријател. Со ваша помош, вашето дете може да научи како да ги решава социјалните проблеми.
- Помогнете му на вашето дете да ја разбере гледната точка на другото дете
- Научете го вашето дете да остане смирено и да не удира и бутка
- Научете го да ги користи следниве фрази:
- „Се вознемирувам кога ми зборуваш така.“
- „Тажен сум зошто не сакаш да си играш со мене.“
- „Се лутам што ми ја грабаш играчката од раце.“
- Бидете блиску и следете како децата сами ги решаваат своите проблеми. На овој начин децата почнуваат да ја развиваат својата самодоверба и учат вештини како да комуницираат искрено, смирено и учтиво кон другите
Извор – Connected Kids: Safe, Strong, Secure (Copyright © 2006 American Academy of Pediatrics)