Промовиран вториот јавен повик за социјални услуги на локално ниво – општините добиваат можност за грантови за проекти за социјално ранливите категории

Скопје, 01.07.2022 – Развојот на социјалните услуги на локално ниво продолжува. Министерството за труд и социјална политика го промовираше вториот јавен повик за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво. Условите за учество на јавниот повик беa промовирани пред градоначалници од повеќе општини и други претставници од локалната самоуправа.

Почнувајќи од денес 1. јули 2022 година, општините ќе може да изразат интерес за учество на јавниот повик (прочитајте повеќе за повикот и изразување интерес тука). По завршување на овој процес, ќе биде отворен јавниот повик за доделување грантови на општините со цел развој на социјални услуги на локално ниво. Општините кои што ќе изразат интерес за учество, ќе добијат бесплатна експертска помош за подготовка на проектните предлози.

„Со развојот на нови достапни социјални услуги согласно потребите на граѓаните на локално ниво, се добиваат двојни придобивки. Прво, големо задоволство е лично да се види како обезбедената поддршка на корисниците на развиените услуги им го подобрува квалитетот на живот. Второ, но исто така важно за овој дел од социјалната реформа е вклучување на пазарот на трудот на социјално ранливите категории, како на пример долгорочно невработени лица, корисници на гарантирана минимална помош, самохрани мајки, и други и нивно извлекување од сиромаштија. Ги повикувам општините, заедно со потенцијалните даватели на услуги да аплицираат на вториот повик за развој на социјални услуги, согласно условите кои ќе бидат наведени, бидејќи несомнено тие носат големи бенефити за сите“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

Развојот на социјални услуги на локално ниво е важен фактор во процесот на децентрализација и јакнењето на капацитетите на општините во интерес на граѓаните.

Во рамките на првиот повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво, 22 проекти во 27 општини добија финансиска поддршка преку овој проект. Најголемиот дел од нив или 16 се за помош на нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект е наменет за помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и регенерација на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатни се повеќе од 522 корисници, а дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки.

За да се утврдат ефектите од реализацијата на услугите, беше изготвена и анализа на искуствата и предизвиците при имплементација на давањето на социјалните услуги на локално ниво. Анализата покажа дека соработката помеѓу сите вклучени страни е исклучително важна, како и дека развојот на социјалните услуги на локално ниво овозможува ангажман на лица од ранливите категории, создавајќи нови трендови на пазарот на труд. Меѓу другото, анализата покажа дека е неопходно и зајакнување на капацитетите на давателите на услугите и подобрување на регулативата.

Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика е со поддршка на Светска банка, а целта е создавање нови поквалитетни социјални услуги согласно потребите на граѓаните, вклучително услуги за ран детски развој, и зголемување на бројот на корисници. Социјалната реформа се темели на четири постулати и тоа: плурализација – преку која покрај државата, се овозможува вклучување и на други субјекти во давањето на услугата со што се збогатува понудата, инклузија – преку што се менува традиционалниот пасивен, во активен пристап, деинституционализација, која е еден од главните столбови на Законот за социјална заштита и децентрализација, со што во процесот на социјални услуги се вклучуваат и општините.