Оризаре, Oпштина Липково, 03.10.2022 – По приближно една година од добивањето на дозволата за вршење дејност од областа на социјалната заштита, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, придружувана од градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, го посети специјализираниот центар за дневен престој на деца со попреченост, лоциран во населеното место Оризаре. Во овој современ специјализиран Дневен центар услугата можат да ја добијат 38 деца со попреченост од повеќе населени места во општината Липково. Со центарот управува здружението „Имаго плус“, чии вработени, кои поседуваат лиценци за ваков вид дејност, преку индивидуален пристап, обезбедуваат професионален и стручен третман за нега и рехабилитација на секое дете во центарот, подготвувајќи ги успешно да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Услугата што ја добиваат децата во овој центар предвидува индивидуална, групна и окупациска терапија која на децата им помага да го зачуваат и унапредат своето здравје и истовремено да го поттикнат нивниот интелектуален, емоционален и социјален развој. Покрај тоа во овој центар се спроведуваат и стручни советувања и работилници за поддршка на родителите на децата.
Воспоставувањето на оваа социјална услуга и работата на овој Дневен центар се дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка. Од неодамна овој центар ги исполни неопходните услови, со што финансирањето на социјалните услуги кое досега се реализираше преку Проектот, во иднина ќе продолжи да се реализира преку системот за централно финансирање од државниот буџет.