Социјалната услуга помош и нега во домот дел од големата социјална реформа со одлични резултати во општина Демир Хисар

Демир Хисар, 29.09.2021 – Квалитетен живот и спокојни пензионерски денови и во деветтата деценија од животот за брачниот пар Ангелески од Демир Хисар се овозможува преку услугата помош и нега во домот, која од неодамна е достапна, преку Нега Центарот Демир Хисар. Оваа услуга е дел од социјалната реформа која значително ги унапреди социјалните услуги за граѓаните.

Денес министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во посета на Нега Центарот Демир Хисар и  семејството Ангелески која изврши увид во реализацијата на социјалните услуги кон крајните корисници. При увидот Шахпаска подвлече:

Степенот на развој на едно општество се мери според тоа каква е грижата за лицата кои се во ранливи категории. Владата и Министерството, но и општините се водеа токму од оваа премиса кога започнавме со социјалната реформа, чија цел беше создавање на нови услуги кои ќе одговорат на потребите на што повеќе луѓе и што е уште поважно ќе бидат „скроени“ согласни нивните потреби. Овој процес не беше ниту едноставен ниту лесен, но денес се уверив дека сме завршиле одлична работа. Резултатот е видлив, а најважно од сѐ е што корисниците се задоволни и што добиваат помош каква што им треба. Општините во овој процес на создавање на подостапни социјални услуги имаат исклучително важен придонес, бидејќи тие ги познаваат своите граѓани и нивните потреби. Оваа симбиоза помеѓу централната и локалната власт се покажа како добра формула за успешна реформа. Дотолку повеќе што социјалната реформа има двоен ефект. Покрај подостапни социјални услуги, реформата придонесува и кон намалување на сиромаштијата во општините, бидејќи истовремено создаваме и нови работни места. Навистина сме горди, бидејќи успеавме да создадеме систем преку кој го подигнуваме квалитетот на животот на граѓаните, а истовремено го зајакнуваме човечкиот потенцијал, создавајќи услови за развој на општините. Задоволството од услугата на брачниот пар Ангелески кои денес имав можност да ги посетам е само дополнителен поттик да продолжиме да работиме во иста насока“, рече министерката Шахпаска.

Новата социјална услуга помош и нега во домот е во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка на Светска банка и има за цел да го подобри и одржи здравјето на корисникот во неговото семејно окружување преку  помош во извршување на активности од секојдневниот живот.

Нега Центарот Демир Хисар започна со работа во јули годинава, а обезбедува услуга за стари лица со навршени 65 години, а кои имаат потреба од помош и не можат сами да се грижат за себе. Седум  негуватели се грижат за 21 корисник на услугата во оваа општина. Сите негуватели поминаа и стручна обука, со што стекнаа нови квалификации и работни вештини.

За успешно реализирање на социјалната реформа  неопходно е целосно вклучување на општините кои ја преземаат водечката улога за развој на локален систем од социјални услуги за што е обезбедена и силна мултисекторска соработка. Со вклучување на општините се обезбедува поголема функционалност на услугите, но и поголем опфат на лица, што е крајна цел на социјалната реформа.

Подобар живот за нашите граѓани беше и останува наша цел. Посветено работиме во различни сегменти за да создадеме нови можности и придобивки за демирхисарци. Услугата помош и нега во домот е резултат на нашата заложба како општина, за изнаоѓање на решение за подобрување на животот на најранливите категории. Денес не зборуваме за ветување, туку за реалност. Успеавме да создадеме систем заедно со Владата, кој обезбедува социјална услуга по мерка на граѓаните. Центарот за Нега Демир Хисар е резултат на одличната соработка помеѓу Црвениот крст од градот, Министерството за труд и социјална политика и општината и е потврда дека градиме хумана општина која нуди одговор на потребите на граѓаните. Продолжуваме и понатаму да создаваме услови за развој“, истакна Марјанчо Стојановски градоначалник на општина Демир Хисар.

Во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика поддржани се 19 проекти во 24 општини. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Проектот е еден од инструментите на поддршка во успешното спроведување на сеопфатната социјална реформа.