Социјалната услуга за помош и нега во домот достапна и во општина Берово

Берово, 01.08.2021 – Новата социјална услуга – помош и нега во домот им стана достапна на лицата постари од 65 години во општина Берово, кои не се во можност самите да се грижат за себе. Денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ја додели дозволата за вршење дејност од социјална заштита за давање на оваа социјална услуга на Општинската јавна установа за социјална заштита (ОЈУСЗ) „Д-р Иван Влашки“ од Берово.

Услугата за помош и нега во домот е дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, а е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го имплементира Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка. Таа има за цел да го подобри и одржи здравјето на старите лица преку грижа и помош во извршувањето на секојдневните активности онаму каде што тие се чувствуваат најсигурно, во нивните домови.

„Со овој проект, но и целата социјална реформа Министерството и Владата обезбедуваат поголем опфат на корисници на социјалната заштита, поквалитетни и нови социјални услуги, индивидуализиран пристап до помошта на оние на кои најмногу им е потребно, онаму каде што им е најлесно достапна, и во најоддалечените места во земјата  – поквалитетен живот и можности за развој на социјално загрозените и на немоќните. И сето тоа е можно затоа што го ставивме граѓанинот во центарот на нашите политики. Тој е стожерот на социјалната реформа и затоа таа е успешна“, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при доделувањето на дозволата.

Новата услуга е потврда на бенефитите што ги донесува еден од столбовите на социјалната реформа – децентрализацијата на социјалната заштита. Ингеренциите за спроведувањето на услугите се пренесуваат на локално ниво, каде општината се јавува како организатор на давањето социјални услуги за граѓаните од својата локална заедница.

„Локалната самоуправа е таа која најдобро гои познава своите сограѓани, нивните специфики и нивните потреби. Затоа сме задоволни што имаме можност оваа услуга да ја организираме и да ја спроведуваме заедно со Установата „д-р Иван Влашки“. Преку неа ќе ја докажеме грижата за нашите највозрасни и немоќни сограѓани, рече градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски.

Со социјалната реформа дополнително се напушта системот на гломазни централизирани установи за социјална заштита и се деинституционализира испораката на социјалните услуги. Така, во давањето услуги се вклучуваат невладиниот и граѓанскиот сектор, физички лица и приватни правни субјекти, па се очекува компетитивноста да донесе поголема разнообразност и иновативност, но и подобрување на квалитетот на социјалните услуги кои им се испорачуваат на корисниците.

„Нашата установа има огромно искуство во грижата за возрасните. Сега, преку обуките и сертифицирањето на негувателките достигнавме квалитет кој на корисниците на нашите услуги ќе им гарантира подобрување на квалитетот на секојдневниот живот. Сигурна сум дека отсега ќе бидат многу позадоволни и полесно ќе се носат со предизвиците“, рече Марија Цикарска, ВД Директор на ОЈУСЗ „Д-р Иван Влашки“, која ја доби дозволата за спроведување на социјалната услуга помош и нега во домот во општина Берово.

Иницијално во општина Берово услугата помош и нега во домот ќе ја добиваат 60 лица со возраст од над 65 години, кои не се во можност самостојно да се грижат за себе. Полесно извршување на нивните секојдневни активности, од лична хигиена, хранење, мобилност во домот, облекување, до поддршка при чистење, перење, готвење, набавки на намирници, земање медицинска терапија ќе обезбедуваат вкупно 20 негувателки.

„Секој од нас заслужува достоинствен живот, особено оние повозрасните. Нашата работа е тоа да им го овозможиме на лицата кои веќе не можат самите да се грижат за себе, преку помош и нега во нивната најприродна средина, во нивниот дом“, рече Светлана Корчовска, негувателка во ОЈУСЗ „Д-р Иван Влашки“ од Берово, која заедно со своите 19 колеги ќе се грижи за корисниците на услугата помош и нега во домот.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина.  За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници.

Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.