Отворена новата современа градинка во селото Јосифово – општина Валандово

Јосифово Валандово, 11.11.2022 –  Околу 57 дечиња се згрижени во новата градинка „Детелинка“ во селото Јосифово во општината Валандово, која денес беше официјално отворена.  Децата до шест години од ова село и другите населени места од денес добиваат пристап до квалитетна социјална услуга за ран детски развој. Градинката е изградена согласно најсовремените стандарди и овозможува квалитетен престој за децата, но и реализација на концептот – учење преку игра, со што значително се подигнува и квалитетот на воспитно-образованиот процес на децата. Истовремено, преку оваа градинка се подобрува и квалитетот на живот, бидејќи младите родители добиваат современа социјална услуга за своите деца во местото на живеење.

Градинката „Детелинка“, чија изградба чинеше околу 28 милиони денари е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика. Сите градежни активности во текот на изградбата,  се реализирана согласно највисоките стандарди за енергетска ефикасност, а градинката ќе користи и обновливи извори на енергија, односно сончеви колектори.

„Преку социјалната реформа создадовме подобри услови за раниот детски развој, обезбедувајќи поквалитетна услуга и инклузивен пристап и за децата и родителите. Притоа, Владата и Министерството за труд и социјална политика, особено внимание посветуваат оваа услуга да биде достапна не само во градовите, туку и во помалите места, а оваа градинка на чие отворање денес присуствуваме е доказ за тоа. Само со еднаков пристап до социјалната услуга во целата земја можеме да создадеме услови за развој, бидејќи сите деца го заслужуваат тоа. Токму затоа сме фокусирани на изградба на нови и проширување на постојните капацитети. Во изминатите пет години, почнувајќи од 2017 година досега се изградени 72 низ целата земја, а покрај тоа посветени сме на унапредување на капацитетите на стручниот кадар во градинките, со што дополнително се подобрува квалитетот на социјалната услуга на раниот детски развој“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

На отворањето на градинката „Детелинка“ во селото Јосифово присуствуваше и претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

Отворањето на новата градинка „Детелинка“ е од исклучително значење за локалниот економски развој, особено за општината Валандово, каде дел од населението се занимава со земјоделие, па можноста за згрижување на децата е од големо значење за извршување на економските активности.

„Сите наши активности се насочени кон поттикнување на локалниот економски развој. Сакаме да создадеме услови во општината кои ќе го зголемат квалитетот на животот и ќе ги задржиме нашите луѓе тука, обезбедувајќи нови можности. За да го постигнеме тоа, мораме да тргнеме од најмладите, бидејќи ако нашите деца добијат современ воспитно-образовен процес и се згрижени и нашите повозрасни жители ќе бидат среќни. Затоа, отворањето на нова современа градинка е од големо значење за нас“, истакна Перо Костадинов, градоначалник на општината Валандово.

Преку активностите од Компонентата 2 од Проектот се зголемува пристапот до социјалните услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик. Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика се спроведува со поддршка на Светска банка.

Преку Проектот, 16 општини во земјава добиваат целосно нови или реконструирани градинки, со што се обезбедува дополнителен  капацитет за згрижување на речиси 2.000 деца во повеќе градови и населени места.

Покрај зголемувањето на капацитетите за згрижување на децата, градинката овозможи и отворање на нови работни места. Директорката на градинката „Детелинка“ Марија Тодорова Зенова ги претстави капацитетите на градинката и стручниот персонал кој ќе се грижи за децата.

Изградбата на градинката е во рамки на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги која има цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој преку подобрување на услугите за предучилишно образование, зголемување на пристапот до квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи и обезбедување на најдобри можности за учење и образование, соодветно на возраста на децата. Во рамки на оваа компонента, се спроведуваат и активности за зголемување на квалитетот на услугите во предучилишните установи преку унапредување на наставните програми, обуки на кадарот и поттикнување на родителите и семејствата за поддршка на холистичкиот пристап во развојот на децата.

Проектот за подобрување на социјалните услуги е дел од сеопфатната социјална реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика.