Крива Паланка, 14.10.2021 – Социјалната реформа дава резултати во сите градови низ земјава, овозможувајќи придобивки за граѓаните. Со надградба на објектот на градинката во центарот на Крива Паланка, со која двојно се проширува нејзиниот досегашен капацитет, се отвораат уште 102 нови места за згрижување на дечиња од предучилишна возраст.
Вкупната инвестиција на Министерството за труд и социјална политика во надградба на објектот изнесува над 26 милиони денари, од кои речиси 22 милион денари се вложени во градежните работи, а околу 4,3 милиони денари ќе бидат вложени во набавка на мебел и опрема. Дополнителна финансиска поддршка обезбеди и општината Крива Паланка, во износ од речиси 1,9 милиони денари.
Увид во текот на градежните работи за надградба на градинката, кои се во завршна фаза, денес изврши министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
„Степенот на развој на едно општество се гледа според начинот на кој се однесуваме со нашата иднина, со нашите деца. Ако сакаме да зборуваме за развој на нашата земја, тогаш мора да покажеме грижа за нашите деца. Ние во Министерството и во Владата на дело покажавме дека со огромна посветеност работиме на создавање на подобри услови за децата. Притоа се грижиме создавањето соодветни услови за децата да има еднаква распространетост во земјата, бидејќи за нас секое дете е важно и треба да добие еднакви услови за развој. Навистина сме горди што заедно со општините реализиравме многу проекти, а денес во Крива Паланка сме сведоци на уште еден таков проект, каде наскоро ќе можат најмладите од овој град да бидат згрижени, да се дружат и да се развиваат. Сакам да се заблагодарам и на добрата соработка со општината Крива Паланка, бидејќи овој проект е доказ за неопходноста од блиска соработка за успешна и брза реализација на проектите кои се од интерес на граѓаните“, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Со надградбата, постојниот објект на градинката во Крива Паланка добива уште пет нови занимални, од кои една е наменета за деца до две годишна возраст, а останатите четири се за хетерогени групи од две до шест годишна возраст.
„Со изградбата на нов кат на постојниот објект „Поточиња“ на градинката „Детелинка“, лоциран во центарот на Крива Паланка, двојно го зголемуваме капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст во овој објект што е изграден уште во далечната 1972 година. На ваков начин, благодарение на разбирањето и партнерскиот однос на Министерството за труд и социјална политика, исполнуваме уште едно дадено ветување кон граѓаните на Крива Паланка, со кое повеќе нема да има листи на чекање за запишување на децата во градинка во овој дел од нашата општина. Инаку, оваа надградба се изведува според најновите стандарди и нормативи за ваков вид објекти, а се овозможува и заштита на животната средина, со оглед на тоа што со градежните зафати се предвидува и замена на застарениот систем за греење на дрва, со нов современ систем за греење на пелети. Во следната фаза од изградбата посебно внимание ќе се посвети на опремувањето на новата градинка со кое просторот во кој децата ќе престојуваат треба да биде уреден согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Градоначалникот Мицковски додаде и дека во текот на минатата година во рамките на матичниот објект на градинката кој е на друга локација, се работеше на зголемување на капацитетите, промената на системот за загревање, на замена на фасадата на објектот, со нова термо-енергетска, а се извршила и промена на столаријата и кровна конструкција. За таа цел се инвестирани дополнителни 15 милиони денари кои се обезбедени делумно од сопствени извори, а останатите преку Министерството за економија и како донации од Норвешката Амбасада и ФООМ.
Инаку, надградбата на градинката во Крива Паланка се реализира во рамки на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги и сеопфатната социјалната реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светската банка. Целта на споменатата компонента од овој Проект е да се зголеми опфатот на деца и да се подобрат условите во системот за предучилишно згрижување и воспитување ширум целата земја. Во рамки на Проектот на општините им се доделуваат грантови за изградба на нови и за проширување или пренамена на постојни објекти во детски градинки и центри за ран детски развој.
За зголемување на квалитетот на услугите во градинките се реализираат и обуки за кадарот во градинките и центрите за ран детски развој. На тој начин се создаваат подобри основи за имплементација на новите наставни програми. Овие обуки ќе продолжат и во следниот период.