Кочани добива нова инклузивна градинка во која ќе бидат згрижени 112 дечиња

Кочани, 13.10.2021 – Безгрижни детски денови и правилен раст и развој за дечињата од Кочани се овозможува со новата градинка чија изградба е во завршна фаза. Новата градинка во Кочани е клон на градинката „Павлина Велјанова“ и ќе може да згрижи 112 дечиња.

Вкупната инвестиција во градинката изнесува 58,7 милион денари, од кои 52,1 отпаѓа на градежни активности и 6,6 милиони денари на опрема (мебел, внатрешно игралиште, опрема за посебни занимални и занаетчиски работи).

Денес, увид во новата градинка извршија министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на општината Кочани Николчо Илијев.

„При денешниот увид се уверивме дека градежните работи на новата градинка се во завршна фаза и дека се почитуваат сите договорени и пропишани стандарди што ќе обезбедат безгрижен и безбеден престој на дечињата во неа. Со сеопфатната социјална реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика создаваме услови за правилен и здрав развој на нашите најмлади. Тие се иднината на нашето општество. Вистинската и посветена грижа за нивниот развој е основниот предуслов за иден просперитет на целата заедница и токму затоа овие проекти се од исклучително значење. Тука, во Кочани, се докажа дека упорниот и посветен пристап на Општината и градоначалникот Илијев придонесоа успешно да го реализираме овој проект за понатамошен развој и унапредување на животот на кочанчани“, истакна Шахпаска.

Новата градинка располага со 2 јаслени групи и 4 занимални за децата од 2 до 6 години. Сите простории овозможуваат природна осветленост. Градинката има и две кујни една на првиот кат и уште една на приземјето, каде ќе се приготвува храната за дечињата. Една од најзначајните придобивки од новата градинка во општината Кочани е што таа е инклузивна и нуди згрижување на дечиња со посебни потреби. За таа намена градинката располага и со лифт.

Новата градинка е и енергетски ефикасна, што ги намалува трошоците за нејзиното работење. Дополнително, на објектот е изведена вентилирачка фасада од природни материјали, која преку таканаречена фотокаталитична реакција ги задржува аеро-честичките и со тоа го прочистува воздухот. Ова е втор објект на градинка во земјава, по онаа во Драчево, на која е изведена ваква фасада која создава почиста околина за децата, но и за соседството на овој објект.

„Денес кога го имаме објектот пред нас, радосни сме што за толку кратко време градинката е реалност.  Таа е гордост на Кочани и кочанчани, на МТСП, и на сите што учествуваа во нејзината градба. Со овој објект, одговараме на потребите на стотина семејства кои чекаат на згрижување на децата во јавната установа. Ги подобруваме условите и квалитетот во детската заштитa.“, рече градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.

Градинката е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги и сеопфатната социјалната реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика. Целта на Компонента 2 од Проектот за подобрување на  социјалните услуги  е да го зголеми опфатот и да ги подобри условите за предучилишно згрижување и воспитување во земјата. На општините им се доделуваат грантови за изградба на нови и за проширување или пренамена на постојни објекти во  детски градинки и центри за ран детски развој.

За зголемување на квалитетот на услугите во градинките се реализираат и обуки за кадарот во градинките и центрите за ран детски развој во насока на за зајакнување на нивните капацитетите. На тој начин се создаваат подобри основи за имплементација на новите наставни програми. Овие обуки ќе продолжат и во следниот период.