Скопје 20.05.2026 – Во Општина Кисела Вода, официјално е отворен Едукативно-терапевтскиот центар „Ајнштајн“ – нова специјализирана социјална услуга во заедницата, наменета за деца и млади со различни развојни тешкотии, специфични тешкотии во учењето и говорно-јазични потешкотии.
На отворањето присуствуваа градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Трајковска , и заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, претставници од образовни и социјални институции, стручни соработници, родители и партнери на Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

Центарот е воспоставен во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, имплементиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади со поддршка од Светска банка, а Здружението за дислексија „Ајнштајн“ во соработка со Општината Кисела Вода е еден од грантистите кои добија поддршка за развој на нови социјални услуги на локално ниво.

Едукативно-терапевтскиот центар „Ајнштајн“ ќе обезбедува индивидуализирана и професионална поддршка преку логопедски и дефектолошки третмани, индивидуални планови за работа, психосоцијална поддршка, работа со родители, сензорни и дидактички активности, како и соработка со училиштата, Центарот за социјална работа и локалната самоуправа.
Центарот ќе работи со мултидисциплинарен стручен тим составен од специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди и други професионалци, со цел да се обезбеди континуирана поддршка за децата и нивните семејства и да се придонесе кон нивно поуспешно вклучување во образовниот процес и секојдневниот живот.
Особено значајно е што услугите ќе бидат достапни и за деца од социјално ранливи семејства, кои често немаат можност да користат приватни третмани и стручна поддршка.



