Драчево добива нова модерна градинка за 110 дечиња со фасада која штити од аеро загадувањето

Скопје, 06.10.2021 – Продолжува реализацијата на проекти на терен кои ќе овозможат современа грижа за најмладите. Дел од овие активности е новата градинка во населбата Драчево во општината Кисела Вода, во која ќе бидат згрижени 110 дечиња од предшколска возраст.  Новата градина во Драчево е изградена според највисоките стандарди, а во неа се имплементирани градежни материјали и решенија кои ја вбројуваат градинката меѓу објектите со високи перформанси. Имено, фасадата на градинката има својство на прочистувач на воздухот и ги лепи штетните честички од амбиенталниот воздух, кои потоа со отстрануваат со дождовите. Ваквото архитектонско решение нуди додадена вредност на објектот и гарантира повисоки стандарди и почист воздух за најмладите.

Изградбата на градинката е во вредност од 38,8 милиони денари, додека за ентериерното уредување алоцирани беа 4,3 милиони денари.

Денес министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска беше на увид во градинката во Драчево и истакна:

„На мое огромно задоволство имавме прилика заедно со градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски да извршиме увид на новата градинка во населбата Драчево и се уверивме дека објектот градежно е завршен и дека наскоро, откако ќе ги мине пропишаните контроли и надзори ќе ги прими првите дечиња. Особено сум горда што овој објект каде набрзо ќе се слушаат детските весели игри, го решава проблем со недостиг на места за дечињата, со што навистина се олеснува животот за младите семејства. Покрај тоа, оваа градинка, како и другите чија изградба се одвива во овој период се реализирани согласно највисоките градежни стандарди, со што се создава здрав амбиент за децата. Ние во Владата и Министерството сме горди бидејќи ова е потврда дека нашите политики не се засноваат само на ветувања, туку на конкретна реализација во интерес на граѓаните. Сакам да истакнам дека со реформата која ја спроведуваме, сериозно работиме и на зајакнување на професионалните капацитети на стручниот кадар, преку обуки и работилници за совладување на современите методи и пракса за правилен детски развој“.

Новата градинка е и енергетски ефикасен објект. Според новите просторни услови на градинката се обезбедува и реализација на концептот – учење преку игра.

Социјалната реформа која се реализира на терен има за цел да создаде нови социјални услуги согласно потребите на граѓаните, а воедно и да придонесе за  зголемување на бројот на граѓани кои ќе ги користат овие услуги. За да се подобрат социјалните услуги преку реформите покрај државата, се овозможува вклучување и на други субјекти во давањето на услугата. Истовремено преку  децентрализација односно со вклучување на општините се добива поголема функционалност и креирање на услуга според конкретните потреби на граѓаните. Општините добиваат грантови од Министерството за труд и социјална политика за изградба на нови детски градинки, за проширување на досегашните капацитети и пренамена на постојни објекти во детски градинки. На тој начин, преку мулти секторска соработка се обезбедува поголема функционалност на услугите,  што е крајна цел на социјалната реформа.

На увидот во новата градинка во Драчево градоначалникот на општината Кисела Вода Темелковски истакна:

„Децата ја претставуваат иднината на едно општество. Како Општина во претходниот мандат се обврзавме да инвестираме во нашите најмлади преку изградба и реновирање на градинките, опремување со реквизити за настава и игра, изградба на игралишта и катчиња за забава на децата, за да можат слободно да уживаат во нивното запознавање и дружење“.

Изградбата на новата градинка е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Со изградбата на нови објекти се зголемува пристапот до социјалните услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства. Преку проектот, 16 општини во земјава добиваат целосно нови или реконструирани градинки, со што ќе се обезбеди капацитет за згрижување на речиси 2.000 децата во повеќе градови и населени места.