Стартува услугата на дневен престој на деца со попреченост во општина Липково


Село Оризаре – Општина Липково, 26.07.2021 – Децата со попреченост од населените места во општина Липково ќе добиваат специјализирана социјална услуга од Здружението Имаго Плус, на кое денеска му беше доделена дозвола за вршење дејност од социјална заштита за давање на социјална услуга на дневен престој од страна на Министерството за труд и социјална политика. Во новоизградениот современ специјализиран Дневен центар, лоциран во с. Оризаре, вкупно 38 деца со попреченост од општината низ индивидуален пристап, професионален и стручен третман ќе бидат подготвувани за соодветно вклопување во редовниот образовен систем. Услугата предвидува индивидуална, групна и окупациска терапија на децата со попреченост, а покрај тоа во Дневниот центар ќе се спроведуваат и стручни советувања и работилници за помош на родителите на децата. Планираните активности, ќе им овозможат на децата со попреченост, да го подобрат и зачуваат своето здравје, да го поттикнат интелектуалниот, емоционалниот и социјалниот развој, се со цел поуспешно да се интегрираат во образовниот и општествениот живот. Оваа услуга е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка. Дозволата за давање на оваа услуга на Здружението Имаго плус му ја предаде министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која притоа истакна: „Нема поголема потврда за повеќегодишната вложена работа и посветеност, и на Министерството и на Владата, во спроведувањето на социјалната реформа во земјата, од задоволните лица на децата и нивните родители, но и на професионалците од стручниот тим, кои ги гледаме денеска. Граѓанинот е стожерот на реформата и затоа најважно е тие на кои им е потребна помошта реално да ги почувствуваат придобивките од неа, а тоа го постигнуваме доближувајќи им ја услугата и нудејќи им поквалитетна и попрофесионална нега и третман“.

Една од главните цели на социјалната реформа е услугите да им бидат полесно достапни и на корисниците од руралните и најоддалечени региони во државата. Општина Липково, во партнерство со Здружението Имаго плус аплицираше за грант со проект за услугата нега за деца со попреченост на првиот јавен повик објавен до страна на Проектот за подобрување на социјалните услуги. „Како локална заедница сме горди што ја преземаме одговорноста за грижата за децата со попреченост од нашата општина. Тие и нивните родители отсега нема да мораат да патуваат до градовите за да ја добијат неопходната нега. Дополнително, ние најдобро ги познаваме специфичните проблеми со кои се соочуваат овие семејства, па верувам дека помошта што ќе ја добиваат во новиот Дневен центар во Оризаре ќе биде уште поквалитетна од таа што им беше достапна досега“, рече градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.

Преку деинституционализацијата, како еден од стожерите на социјалната реформа, во давањето на социјалните услуги на локално ниво се вклучуваат невладиниот и граѓанскиот сектор, физички лица и приватни правни субјекти. Тоа, покрај стручноста, во социјалниот систем го внесува и принципот на натпревар, преку кој провајдерите ќе треба да понудат што поквалитетни и индивидуализирани услуги за корисниците. Здружението Имаго плус, кое ја доби лиценцата за давател на услугата во општина Липково има повеќегодишно искуство во работата со оваа специфична група на лица. „Низ процесот на лиценцирање од страна на надлежните институции, персоналот на нашето Здружение ги надогради вештините и стручноста во работата со децата со попреченост и нивните родители. Сигурна сум дека Дневниот центар и нашиот стручен тим ќе направат исчекор во квалитетот на услугата за децата – корисници на услугите на центарот. Дополнително, на нивните родители ќе им го пренесеме нашето знаење, сѐ со цел, нивните деца да постигнат што поквалитетен развој и подготовка за понатамошниот живот“, истакна Земријет Бела Весели, претседателка на Здружението Имаго плус.

Во Дневниот центар во с. Оризаре за дневните активности и третман на децата со попреченост, ќе се грижи 5-член стручен тим, секој од нив со сопствена специјалност – рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт. Координаторот на Дневниот центар, Аринета Нухија истакна дека „нема поголема привилегија од таа да му се помогне на оној кому таа помош му треба. Кога станува збор пак, за децата, возвратниот ефект е уште поголем, зашто најчесто пред вас се случува позитивен напредок кој го гледате и ве исполнува со радост и гордост. Со нетрпение ги очекуваме децата во Центарот“. Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина.  За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.