Цртежот е најнепосредниот начин со кој детето комуницира со возрасните, особено со своите родители и педагози. Тоа е основно средство да ја изрази својата волја, среќа, впечатоците, но и непријатните чувства како нелагодност или страв, што понекогаш е и невербален обид да побара помош. Важно е да се знае да се препознаат пораките од цртежот за да можеме подобро да го спознаеме секое дете. Децата од предучилишна возраст преку цртежот го изразуваат она што не можат вербално да го кажат.
Што претставува цртежот за детето?
- најслободниот, најспонтаниот и најкомуникативниот начин на изразување;
- претставува убавина, задоволство, игра и радост на детското изразување;
- со цртежот тоа напредува во растот и развојот;
- го осознава и открива светот околу себе;
- ја развива свеста за себе и своето постоење во непосредната околина;
- го користи цртежот како метода на истражување, решавање на проблемите, давање на визуелните форми, идеи и запазувања.
Што претставува цртежот за возрасниот?
- За психолозите – дијагностичка постапка за одредени психички состојби, како детето се однесува кон околината, како ги доживува блиските луѓе, неговиот став кон светот и околината која го опкружува и др.
- За педагозите – со анализа и интерпретација на детскиот цртеж се доаѓа до многу сознанија за развојот на детето и неговото сфаќање за светот и лицата кои се околу него, показател е на совладување на одредени знаења и др.
- За социјалните работници – слика на детето во своето семејство, показател за позитивни или негативни семејни односи, доказ за семејна дисфункционалност, злоупотреба и сл.
- За ликовните педагози – показател на ликовниот развој и ликовната зрелост на соодветна возраст, развојот на ликовните вештини, визуелната перцепција и меморија, способноста за креативност и фантазија.
- За родителот – интересна активност за квалитетно поминато време со своето дете, показател на целокупниот психо-физички развој на своето дете, спомен од одреден период сочуван во папка.
Кој тема најмногу го открива детето, неговите чувства и неговите непосредни искуства?
- Најповолна е темата „Моето семејство“;
- Својот став кон членовите на семејството ги изразува со поставување на фигурите по одреден редослед, големина, боја. Најголемата фигура е најдоминантната личност во домот. Себе најчесто се црта до членот на семејството за кого е најмногу врзано. Доколку за него најмногу се грижи бабата, тоа ќе се нацрта себеси до неа.
Што ни открива распоредот на фигурите?
- Распоредот на фигурите ни покажува како детето се вклопува во својата околина;
Ако детето семејството го црта така што најнапред ја прикажува за него најбитната личност и таа личност ја поставува централно или лево;
- Фигурата која најчесто ја црта најголема е и најбитната за него. Доколку оваа личност е блиска со детето, тоа ќе се нацрта себеси до неа, а потоа останатите членови на семејството;
- Ако детето црта повеќе фигури, а на една од нив посветува особено внимание и труд, тој со тоа кажува дека таа личност му значи најмногу;
- Левата страна на листот хартија најчесто е позиција за фигурата на мајката, десната страна пак за таткото;
- Линиите кои се насочени кон горе ги претставуваат детските соништа, а линиите насочени кон долу неговиот сегашен живот;
- Детето кое е сигурно во себе ќе го смести цртежот во средината на листот хартија.
Што треба да се знае?
- Не постои чудотворен рецепт за разбирање и толкување на детските цртежи;
- Возрасните никако не смеат да го анализираат секој цртеж бидејќи детето би ја изгубило самодоверба ако почуствува дека постојано го надгледуваат;
- Додека детето е активно во уметнички активности потребно е да се биде пасивен опсерватор, да се биде присутен и да одговара сасмо на прашања од технички карактер за кои ќе дава мотивирачки насоки, истовремено да се остави тоа самостојно да црта;
- Детето го доживува цртежот како подарок, па затоа е потребно да го разгледате и изложите на детскирте изложби дури и оној цртеж кој вам ви се чини дека е неуспешен;
- Поребно е да се чуваат детските цртежи. Тие ги откриваат сите мали тајни за него и тоа до 12 година. По тој период детското творештво веќе нема да биде спонтано;
- За анализа потребно е да се земат повеќе цртежи од ист период, но на различни теми. Во нив треба да ги пронајдете истите знаци на чувствителност, бидејќи детето се изразува преку своите творби, без обзир на содржината на цртежот.
Пишува:
м-р Ана Цветкоска-Панова
Советник ликовен педагог
во ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“ – Скопје