Децата и емоциите

Проблемите со менталното здравје, кои вклучуваат широк спектар на состојби, често имаат свои корени во раното детство. Уште од најмала возраст, децата треба пред се да бидат свесни за своите чувства и емоции, а разговорот за истите никако не треба да биде табу тема. Детето треба да знае дека чувствата се поврзани со мислите и со физичките осети. Кога ги споделувате своите чувства со детето, тоа учи да ги препознае своите емоции. Коментирањето на чувствата на вашето дете ќе му помогне да научи самоконтрола и емоционална свесност. Тоа може да го охрабри да продолжи да се обидува да ги надмине проблематичните задачи.

Има шест основни емоции: Среќа, Тага, Лутина, Гадење, Изненадување и Страв кои уште раното детство  ги чувствуваме и изразуваме.  Често малите деца се преплавени од своите емоции и сеуште не знаат да ги изразат соодветно но возрасните треба да ги насочуваат и да ги научат да ги идентификуваат.  Како што растат децата почнуваат да чувствуваат и срамежливост, гордост и вина.

Како родители, очекувано е да имате потешкотии да зборувате отворено за емоциите, па дури и со вашето дете. На многумина, во нивното детство им било кажувано да се воздржат од плачење кога се тажни, или од смеење кога се среќни. Обидете се, тоа да не стане случај и со вашето дете. Пренесете му и научете го детето дека сите луѓе имаат чувства и не е срамно ако зборуваме за нив.

Учењето на чувствата е битен процес кој започнува во раното детство и се развива со растењето. Дете кое ги препознава своите чувства и знае да се справи со истите има емоционална компетентност.

Емоционалната компетентност е развоен процес кој опфаќа три меѓусебно поврзани компетенции:

  1. изразување на емоции
  2. свесност за емоциите
  3. регулирање на емоциите

Сосема е нормално и очекувано доколку вашето дете покажува негативни емоции, бидете свесни дека тие се подеднакво нормални како и позитивните. Дозволете им на децата да ги изразат негативните емоции, тоа не значи дека ја губите контролата или авторитетот врз нив, напротив, со тоа што ќе им дозволите да поминат низ таквото искуство, ќе им помогнете да ја создадат контролата, и да научат како да ги регулираат своите емоции. Забележете ја негативната емоција и дадете му совет како да се справи со оваа емоција.

Разговорот за чувствата со децата е важен чекор да им се помогне да управуваат со лутината, незадоволството или разочарувањето, но и доведува до свесност за чувството на мир, среќа или смиреност.

Направете картички со лица, машки и женски, кои ги изразуваат шесте основни емоции. Нека вашето дете проба да ги идентификува. Разговарајте за различни сценарија каде би можеле да ги забележите тие лица. Заедно вежбајте да ја покажете истата емоција на вашите лица. Забавувајте се заедно со вашето дете.