Правилниот образовен пристап кон детето одговара на прашањето: „Како е детето?”

Модулот на обуки „Инклузија и средина за учење“ за професионален развој на стручниот кадар од установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст го спроведе г. Дарко Кобетиќ, меѓународен експерт со значајно искуство во дизајнирање образовни програми и обуки, кој истакнува:

Приспособувањето на околината кон способностите, потребите и интересите на детето е суштината на инклузивниот пристап. Со зајакнување на капацитетите на воспитните кадри и стручните лица кои работат во раното предучилишно образование и воспитание, се овозможува да се обезбедат подобри услуги на децата, што долгорочно влијае на севкупниот развој на детето во согласност со неговиот максимален потенцијал. Животниот контекст во кој живееме често нагласува какво е детето.
Правилниот образовен пристап кон детето одговара на прашањето: „Како е детето?”
Преку развивање на реална слика за самото дете, вреднување на родителските предизвици во прифаќање на своето дете преку зајакнување на креативноста, сензориката, емоционалните капацитети и социјални вештини, воспитните кадри и стручните лица го поттикнуваат детето да прерасне во стабилен возрасен човек. Сите досега спроведени обуки се насочени кон градење на свеста кај воспитните кадри и стручните лица за важноста на раниот раст и развој, зајакнување на нивниот капацитет за преземање одговорност во раниот развој на децата и усвојување на најсовремени професионални концепти кои треба да станат основа на практиката во раното предучилишно образование и воспитание.

Во Октомври обуките ќе продолжат да се спроведуваат во останатите региони на државата. Целта е да се зајакнат капацитетите на вработените во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и да се подигне квалитетот на предучилишното згрижување.