Скопје, 23.02.2021 – Делчево и Кочани се приклучија кон првата група од 20 локални самоуправи кои добиваат финансиски средства во форма на грантови наменети за развој на социјални услуги со кои ќе одговорат на потребите на ранливи категории граѓани во своите општини.
Со доделените средства се овозможува отворање на Дневен центар за рехабилитација и ресоцијализација на лица со попреченост во Делчево, како и воспоставување и имплементација на услугата – Помош и нега во домот, на територијата на општината Кочани.
Овие грантови се дел од првата компонента на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка.
Договорите за доделување грантови ги потпишаа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, градоначалниците на Делчево и Кочани, Горан Трајковски и Николчо Илијев, како и претставниците на давателите на социјални услуги – општинската организација на Црвениот крст од Кочани и организацијата „Бравура Кооператива“ од Делчево.
Досега, во рамки на првата компонента од Проектот за подобрување на социјалните услуги, одобрени се вкупно 24 апликации за доделување грантови за развој на социјални услуги. Со 17 од нив веќе се потпишани договори во вкупна вредност од околу 153 милиони денари, наменети за обезбедување социјални услуги на териториите на 20 општини.
Во текот на оваа година треба да биде објавен уште еден јавен повик на кој сите општини ќе можат да аплицираат со цел да се обезбедат соодветни услуги за дополнителен број корисници ширум земјата.