Секоја личност има потенцијал, но е потребна соодветна поддршка за да се трансформираат неформалните вештини во формално препознаени компетенции, а тоа дефинитивно социјалното менторство го обезбедува.
Целта на социјалното менторство е да помогне во активирање и задржување на пазарот на труд на лица кои од различни причини се долго време невработени. Во моментот работам со лица кои се корисници на гарантирана минимална помош и мојата цел е овие лица да преминат од зависност од системот на социјална заштита кон поголема економска и социјална автономија, односно од пасивни приматели да преминат во активни учесници во општеството.
За корисниците на гарантирана минимална помош социјалното менторство оди многу повеќе од само финансиска поддршка. Тоа е пристап којшто им помага на корисниците да изградат капацитети за трајно излегување од сиромаштијата. Преку индивидуалните сесии коишто ги одржуваме им обезбедуваме поддршка во процесот на социјална инклузија, бидејќи поголемиот дел од корисниците на гарантирана минимална помош се соочуваат со изолација, ниска самодоверба и стигматизација. Понатаму, придонесуваме кон јакнење на нивните лични капацитети (начини на барање на работа, управување со финансии, комуникациски вештини, навики за редовност и одговорност) со што ја зголемуваме нивната самостојност. Мотивацијата е една од клучните сегменти на кои како ментор работам, бидејќи корисниците многу често имаат чувство дека немаат излез од својата состојба и односот којшто го градиме заснован на доверба и отвореност за нив претставува еден модел на позитивна промена која што им дава волја да веруваат дека можат да направат промена за себе и за нивните семејства. На овој начин индиректно влијаеме и врз децата, односно придонесуваме да се зголемуваат шансите тие да се образуваат, социјализираат и да го прекинат циклусот на сиромаштија (меѓугенерациска системска зависност).
Преку проценките и анализите кои во рамките на менторирањето ги работиме како ментор го увидувам нивниот потенцијал, односно силните страни на ГМП корисниците, но и нивните слаби страни, односно предизвици кои за мене се многу битни како би можела да обезбедам соодветна менторска поддршка. Во однос на силните страни или добро развиените вештини кај корисниците често низ разговорите увидувам дека дел од нив долго време се соочувале со сиромаштија и на тој начин развиле способност за преживување, адаптација и снаодливост. Тоа придонесло да развијат различни неформални вештини (градежништво, шиење, земјоделие, грижа за деца или стари лица), кои можеби не се формално препознаени, но имаат пазарна вредност. За жал, слабите страни и предизвиците кај поголемиот дел од корисниците преовладуваат. Нискиот степен на образование, недостатокот на формални вештини и комуникациски вештини ги довело до долготрајна невработеност, губење на работни навики, ниска самодоверба, демотивација за вклучување на пазарот на труд и тоа дополнително придонесува кон тоа да корисниците покажуваат пасивност и зависност од системот. Дополнително, отсуството на поддржувачка околина ја намалува нивната мотивација и делува обесхрабрувачки со што ги прави пасивни и зависни од системот. Со цел надминување на оваа состојба менторскиот процес преку поставување реални, конкретни, достижни и временски ограничени цели и континуираната поддршка која ја добиваат од моја страна им прави чувство дека се почитувани, слушнати и разбрани и тоа им е клучен мотивирачки фактор. Од друга страна, јасно видлива придобивка од вработувањето (подобар приход, подобри услови за живот, можност за образование на децата…) исто така позитивно влијае на нивната мотивација и истрајност во вклучувањето и задржувањето на пазарот на труд.
Ме радува фактот дека и покрај ситуацијата во којашто се наоѓаат овие лица имаат желба за подобар живот и јас како ментор им помагам да го остварат тоа. Неописливо е чувството кога ќе видите насмевки на нивните лица и задоволство од промените кои што сме ги направиле. Целокупниот овој процес на менторираните им помага подобро да се запознаат себеси, да се вреднуваат, да се свесни за недостатоците и да се борат за што подобра нивна економска независност. Истовремено, мене како ментор оваа работа покрај чувство на целосна исполнетост, ми овозможува простор за постојано мое надоградување и усовршување кое придонесува кон мојот професионален, но и личен раст и развој.
Ирена Туфекчиева,
Социјален ментор – Асоцијација за истражување, комуникации и развој ПАБЛИК



