Во домот на господинот Мирко Здравески, во Прилеп, преку услугата „Помош и нега во домот“ започнува приказна за тоа како вистинската грижа, посветеност и поддршка можат да го променат текот на нечии денови. Приказна што ја раскажува Кире Зеровски, неговател од Здружението „Центар за развој и едукација“, Прилеп е доказ за успешноста од спроведувањето на услугата и социјалната реформа.
„Секојдневно му помагам на Мирко со хигиената, исхраната и обврските околу домот. Со оглед на неговата сериозна здравствена состојба – автоимуна болест со 95% намалена функционалност – потребна е постојана грижа,“ вели Кире.

Мирко, 64-годишен човек со автоимуно нарушување на моторните неврони, го изгубил говорот и можноста да се движи. „Кога ми го донесоа Кире, почувствував дека некој верува дека и јас заслужувам достоинствен живот. Тој ден ми се врати надежта,“ споделува Мирко преку електронски уред – неговиот единствен начин на комуникација.
„ Денот кога ми го донесоа негователот, добив надеж, а по некое време и сигурност. Не само што добивам 4-часовна дневна грижа, туку помош и преку целиот ден, па и за време на викендите кога ми е потребна“ споделува Мирко преку пишување на електронски уред, затоа што тоа е единствениот начин на кој што може да комуницира.
Од целосна изолација до системска поддршка
Пред да ја добие оваа поддршка, Мирко живеел сам, без семејство, без приход и без социјални права. Денес, со помошта на здружението и Кире, не само што добива 24-часовна грижа, туку му се обезбедени и сите права што му припаѓаат – гарантирана минимална помош и социјална пензија.
„Му помогнавме не само со секојдневните задачи, туку и со целата административна постапка за да ги оствари правата што му следуваат. За човек кој не зборува, не се движи, и нема никој – тоа значи сè,“ додава негователот Кире.
Модел на грижа кој создава хуманост
Преку проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за социјална политика, демографија и млади со поддршката на Светска Банка се спроведува услугата помош и нега во домот. Здружението „Центар за едукација и развој“ од Прилеп оваа услуга ја спроведува заедно со општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Оваа услуга покрај тоа што го подобрува квалитетот на живот на лица кои имаат потреба од помош, истовремено отвора и работни места за лица кои секојдневно со професионалност и емпатија ја враќаат надежта во системот и во човекот. Воедно со овој пример потсетуваме дека негователството не е само „женска професија“ – тоа е работа на луѓе со големо срце, без разлика на полот.
Со вакви примери се рушат предрасудите и се гради општество на рамноправност и солидарност.


