Зборот, реченицата, говорот се едни од најзначајните компоненти кои придонесуваат за правилен развој на детето. Да го научиш детето, од најрана возраст, да ги изговара зборовите правилно, да настојуваш да формулира реченици соодветни за неговата возраст, да работиш преку примери, сказни и емисии, кои се прикладни на детскката возраст, е непроценливо богатство за развојот на детето. Стимулирајќи правилна употреба на зборовите, без поттикнување на погрешно изговараење, правилно формулирање на реченици, изговор и раскажување, го трасирате вистинскиот животен пат на детето.
Како што потенцира професорката Фрицханд, развоен психолог, „Развојот на говорот е една од најкомплексните и најамбициозните задачи со кои се соочува детето во текот на животот и гледано од страна, се чини дека децата кои растат во стимулативна средина и кои не искусуваат одредени развојни пречки, го усвојуваат говорот со леснотија. Тие тоа го прават според точно определен систем, низ секојдневната комуникација со возрасните и со врсниците. Па сепак, овој навидум едноставен процес, не е ниту брз, ниту лесен, ниту краткотраен“ (Фрицханд, 2014). Токму поради овие факти неколку компоненти се од клучно значење:
- правилен изговор на зборови
- создавање и поттикнување на здрава средина и околина за децата
- обезбедување на стумулативни средства со помош на кои децата полесно ќе го совладаат говорот (сказни, примери, детски емисии и сл.)
- секојдневна комуникација со детето и разговор за теми прилагодени на возраста на детето
- упорност и континуитет во зборувањето, изговорот и раскажувањето
Развојот на говорот е тесно поврзан со когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој. Поточно, развојот во еден домен го стимулира развојот во другите домени и обратно (Cole & Cole, 1989). Оттука, од исклучителна важност е децата уште во најрана возраст да бидат поттикнувани да комуницираат, користејќи ги за таа цел заедничките активности со возрасните.” Како што потенцираат признати и познати развојни психолози и лица од научната фела, од посебно значење е да се внимава и на емоциите и на средината во која ќе се воспитува детето, посебно кога станува збор за говор. Имено, здрава средина, опкружување кое ќе поттикнува позитивна енергија, исполнетост со позитивни и пријатни емоции, во голема мера придонесуваат за побрзо и полесно совладување на зборовите. Во случај и на соодветни грешки и потешкотии при детски говор, не смее детето да се казнува и да се пренесат негативни емоции, бидејќи тое лошо ќе влијае кај него. Соодветен начин и поправање, упорност, но со добар збор, без карање и викање, полесно ќе се совлада зборот и реченицата од страна на детето. Токму од овие причини потребно е:
- поттикнување на позитивни емоции кај детето при учење на говор
- избегнување на повисоки тонови и негативни емоции при погрешно искажување на зборовите
- трпеливост и упорност, со позитивен тон, при учење на зборови
Детството е период во кој психофизичкиот развој се одвива интензивно и динамично. Колку е детето помало, толку неговата желба да запознава нови и различни предмети, со нив да манипулира и активно да ги истражува, е поголема. Основните потешкотии кои децата треба да ги надминат при усвојувањето на говорот, во развојната психолингвистика се поделени во три групи. Меѓу нив се проблемот на перцепција и продукција на говорот, проблемот на комуникација и значење на зборовите/речениците, како и проблемот на усвојувањето на граматичките правила. Првата група ја нагласува сложеноста на задачите со кои детето се среќава, почнувајќи од слушањето на гласовите и нивното сложување во осмислена целина, па сè до репродуцирањето на тие гласови подоцна. Втората група е насочена кон разбирањето на значењето на говорните единици и нивната употреба во меѓусебната комуникација. Конечно, усвојувањето на граматиката и креативното комбинирање на зборовите во нови реченици, е секојдневен предизвик за децата во раното детство, па и подоцна (Tomasello & Bates, 2001). Сето споменато ни дава можност да утврдиме дека:
- да ја стимулираме желбата за сознајност и интерес за зборови кај децата
- да поттикнуваме меѓусебна комуникација
- да ги инспирираме децата да говорат
- да им поттикнуваме љубопитност и желба за меѓусебна комуникација
- да им осмислуваме логички целини, се со цел нивно усвојување
- да ги научиме да осмислуваат реченици
- да ги научиме да бидат креативни во зборувањето
Само со правилна комуникација и работа во позитивна атмосфера и средина, ќе придонесеме за правилен говор кај децата.