Како да го отвориме прозорот на светот на децата за размислување и фантазија. Едно новородено дете светот околу себе го доживува на поразличен начин од возрасните. Возрасните забораваат дека во еден период од животот не знаеле колку се еден и еден и дека кога ќе си го покриеме лицето размислуваме дека го снемува другиот.
За да го поттикнуваме детскиот мисловен развој на детето треба да му нудиме различни предизвици доволно тешки и интересни за да го предизвикаат, а истовремено лесни за да успее да ги постигне.
Мисловниот капацитет на детето е генетски наследно и зависи од гените и околината во која се развива. Доколку детето е со генетски пониски капацитети, не може да се очекува тоа да стане научник, но со добра поддршка и предизвикување од околината може да постигне просечни или и надпросечни постигнувања. Додека детето со генетски потенцијали доколку не е подржано и поттикнато од опкружувањето може да постигне просечни или и подпросечни постигнувања.
Важно е на детето да му се овозможи безбедна средина каде само ќе истражува и слободна игра низ која ќе учи искуствено. Секоја развојна возраст носи можности и ограничувања на мислењето.
Од раѓање до 24 месеци однесувањето на бебето главно е рефлексно, но тоа не значи и дека нема мисловен развој. Ако на бебето му дадеме прст тоа рефлексно ќе го стисне со својата дланка. Првите неколку месеци бебето е насочено кон предметите што го опкружуваат и случувањата. Како ние одговараме на неговите реакции така и тоа ќе се менува. На пример бебето прво рефлексно плаче кога е гладно и на почеток не ги поврзува плачот со хранењето, но до почетокот на првата година почнува свесно да плаче за храна. Родителите треба да одговараат на знаците кои ги кажува бебето, да ги предвидуваат и усогласуваат со своите активности. Пример детето ја фрла играчката и бара да му се даде- врати. Преку овој начин на комуницирање и игра детето се подготвува за разделба од мама и тато. Тоа стекнува искуство дека предметот кога го нема ќе му биде вратен и ако некој си замине од негова близина пак ќе дојде.
Од втората до седмата година детето ги развива своите способности преку симболите. Тоа ги користи симболите на различни начини и заедно со возрасните треба да истражуваат и разговараат за симболите. Пример: мало столче може да биде превозно средство ако го свртиме наопаку, санка или некоја замислена фотеља. До втората година децата кои не ги гледаат предметите мислат дека ги нема . Во овој период по втората година со децата треба да се почне и играта скриен предмет каде децата преку проблем состојба истражуваат и стекнуваат вештина дека тоа што не го гледаат може да го најдат и полека да се воведуваат во играта ТОПЛО-ЛАДНО.
Детето до седмата година не ја разбира постојаноста на количината и треба да се прават експерименти, каде преку искуство ќе стекнува знаење . Пример: два сада едниот понизок другиот повисок а тесен, собираат иста количина течност. Детето кажува дека во повисокиот сад има повеќе течност. На детето да му се даде искуство преку експериментирање дека количината во двата сада е иста.
Во развојниот период меѓу две и седум години, децата мислат секогаш конкретно. Ги разбираат работите кои се опипливи и се случуваат во моментот, сега и овде. Не можат да ги разберат апстрактните поими како љубов, пријателство. Тие би кажале пријател ми е другарчето кое игра со мене . Доколку истото другарче во одреден момент не игра тогаш веќе не му е пријател. Или љубов е кога мама готви ручек, а тато го јаде иако не е вкусен.
Возрасните преку игра, разговор и присуството со детето, даваат искуство на уживање и му помагаат на детето да усвојува нови знаења за светот што го опкружува и да ги развива своите способности.
Детскиот мисловен процес се развива индивидуално и со свое темпо и возрасните (родители и воспитувачи) треба само да го следат и подржуваат со многу искуства.