Ран детски физички развој

Физичкиот развој кај децата во рана возраст е значаен за нивното здравје и  општата состојба. Тој е основа  за развивање и стекнување на многу вештини, способности, интереси и ставови кои ќе влијаат на целиот нивен понатамошен живот.

Растот и развојот се однесуваат на физичките промени и се дел од нивниот природен процес. Децата од раѓање до 6 години растат во висина и тежина. Растењето е резултат на  повеќе фактори: генетика, исхрана и општо здравје. Со развивање на мускулите и скелетот се развива и зголемува детското тело и издржливоста. Децата се стекнуваат со вештини за изведување различни физички активности . Секако се развиваат и дишниот, крвниот , дигестивниот и нервниот систем . Во овој  период децата треба да се хранат со здрава храна , бидејќи имаат повисока потреба за енергија и хранливи материи за поддршка на својот раст и развој. Надзорот од  лекарите и други здравствени работници треба да е присутен, за да се следи правилниот раст и развој и навремено да се превенираат недостатоците или проблемите кои би се појавиле.

Многу е важно да се  развие грубата моторика, за децата да умеат да ги контролираат големите делови од телото и да изведуваат различни груби движења. Ова вклучува активности како трчање напред-назад во склад со возраста, качување – симнување , скокање, дофрлување , подавање, возење велосипед и други слични активности. Со овие активности децата развиваат координација, баланс и способност да го контролираат сопственото тело. Развојот на грубата моторика започнува многу рано кога децата почнуваат да ги движат рацете, нозете, лазат и проодуваат. Со тек на време детските вештини се зголемуваат и децата стануваат посигурни и поголеми. Родителите , воспитувачите и другите старатели треба да ги поттикнуваат  децата преку разни активности и игри.

Развојот на фината моторика исто почнува многу рано и е способност каде децата умеат да контролираат и координираат мали делови од своето тело прецизно и ефикасно како цртање, врзување врвки, бањање, сами да се хранат, да користат мали инструменти… Подржувањето на фината моторика е од големо значење бидејќи се клучни за физичкиот и когнитивниот(мисловен) развој.

Многу е важно децата да умеат да ги контролираат и координираат движењата на различни делови од телото при изведување одредени активности. Пример , координација кога дофрлуваат и фаќаат топка , возење велосипед и друго,  каде се вклучуваат мускулите,  скелетот и нервниот систем за да се постигне саканата цел. Со балансот на детското тело, детето  има способност да биде во стабилна држечка позиција.

Здравственото воспитување е важен процес, во кој децата стекнуваат вештини потребни за здрав живот. Се подржува со многу физички и спортски активности.  Децата да стекнуваат навики за здрава исхрана , свесност за добивките од балансирана и разновидна исхрана. Многу е важно децата да се навикнуваат на правилни навики за лична хигиена како миење раце, заби, бањање и слично.

Умеењето на контролирање на сопствените емоции кај децата го развива менталното здравје . Децата искуствено треба да стекнуваат вештини да го негуваат позитивниот ментален стил на однесување, да умеат да почитуваат правила и да препознаваат состојби за безбедност во домот , градинка, јавни простории и како да избегнуваат небезбедни состојби.

За да се подржи правилниот физички развој кај децата, многу е потребна здрава стимулација и поддршка од страна на родителите, воспитувачите , образовните институции како и од целото општество.