Скопје, 21.02.2023 – Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија организираше дводневна работилница, на која присуствуаа претставници од министерствата и агенциите од Северна Македонија и Косово, кои работат на агендата за рано детско образование и грижа.
Работилницата беше отворена од страна на директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи и Бојана Нацева, виш специјалист за образование при Светска банка, а во презентацијата и дискусијата учествуваа и Тигран Шмис, виш специјалист за образование и Мрике Алиу, специјалист за човечки развој при Светска банка, како и претставници на проектната единица при Министерството за труд и социјална политика, предводени од Елизабета Куновска, проектен менаџер.
За време на посетата, учесниците на работилницата посетија и неколку градинки во Скопје: градинката Орце Николов во општина Карпош и неодамна отворената градинка „Сонце“ во Волково, општина Ѓорче Петров двете изградени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Светска банка, како и градинката „Срничка“ во општина Аеродром, со цел запознавање со активностите кои земјата ги презема со цел подобрување на квалитетот на раното детско образование, вклучително усвојувањето на педагошки пристапи соодветни на возраста на детето, како и обезбедување на сигурен и стимулативен простор кој го поттикнува учењето и воведување алатки за мерење на структурниот и процесниот квалитет.
Работилницата претставуваше можност за размена на искуства на тимовите и за споделување на знаењето од претходните и тековните ангажмани во областа на раното детско образование и грижа, како и прилика да се одбележат успесите и да се идентификуваат предизвиците, со цел подобрување на квалитетот и пристапот до раното детско образование.
Работилницата беше структурирана околу три клучни теми, и тоа: пристап и правичност; квалитет и ангажман на родителите и заедницата.