Пробиштип, 24.08.2023 – Од денеска на жителите на Пробиштип добиваат дополнителен објект на градинката „Гоце Делчев“ (објект Срничка). Со ова на уште 74 дечиња до шест-годишна возраст од овој град им се овозможува пристап до квалитетни предучилишни услуги за ран детски развој. Ова е десеттата отворена градинка како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го имплементира Министерството за труд и социјалната политика со поддршка на Светска банка.
Во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на општина Пробиштип Драган Анастасов, со симболично предавање на клуч градинката им беше дадена вo владение на децата. Оваа доградба е дел од вкупно 16-те нови детски градинки чија изградба се реализира преку Kомпонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, како интегрален дел од севкупната социјална реформа на Владата. „Со доградба, проширување и модернизација на постојните градинки како оваа во Пробиштип, како и со изградбата на нови детски градинки ширум земјата, покажавме дека социјалната реформа што како влада и ресорно министерство ја креиравме и ја спроведуваме, со цел да обезбедиме подобар систем на социјални услуги за граѓаните, поголема грижа за најмладите и подигнување на квалитетот на условите во градинките, станува реалност. Само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги беше предвидено да се изградат вкупно 16 нови детски градинки, од кои 10, вклучувајќи го и овој објект, на наше големо задоволство, веќе се завршени и отворени. Верувам дека до средината на следната година ќе бидат отворени и преостанатите шест нови градинки. На тој начин, само преку овој Проект, во чија реализација се инвестирани околу 12,8 милиони евра, државата значително го зголеми капацитетот на системот за предучилишно образование, овозможувајќи прием на дополнителни над 1900 дечиња во градинките ширум земјата“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Искажувајќи големо задоволство од реализацијата на овој проект, што меѓу друго се должи и на одличната соработка помеѓу централата и локална власт, градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов посебно го истакна значењето на новиот објект кој ќе овозможи зголемување на капацитетот на постојната градинка, што е од голема полза за граѓаните на Пробиштип и претставува исполнување на нивните потреби и барања, особено на младите родители од овој град.
Компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, во чии рамки се реализира изградбата на оваа доградба, има за цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој, преку подобрување на услугите за предучилишно образование, зголемување на пристапот до квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи и обезбедување на најдобри можности за учење и образование, соодветно на возраста на децата. Во рамки на оваа компонента, се спроведуваат и активности за зголемување на квалитетот на услугите во предучилишните установи преку унапредување на наставните програми, обуки на кадарот и поттикнување на родителите и семејствата за поддршка на холистичкиот пристап во развојот на децата.