Скопје, 14.04.2021 – Министерството за труд и социјална политика и Општина Липково склучија договор со кој се доделуваат финансиски средства за изградба на нова детска градинка во населеното место Матејче.Новата градинка ќе биде со капацитет за згрижување на 102 деца, на возраст од 0 до 6 години. По потпишување на договорот за грант ќе следува постапката за избор на најповолна понуда за изведувач на градежните работи кои се очекува да завршат во рок од 16 до 18 месеци и ќе се одвиваат според сите стандарди, вклучувајќи ги и мерките за заштита на животната средина и протоколите за заштита од Ковид-19.Липково е една од 17-те општини која аплицираше и ги исполни условите од првиот јавен повик за доделување грантови за изградба на детски градинки и центри за ран детски развој. Според официјалните статистички податоци на територијата на општина Липково живеат околу 2.200 деца на возраст до шест години, а досега само еден отсто од нив имаа можност да посетуваат градинка.Овој грант е дел од компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка. Досега, со средствата од проектот реконструирани се градинки во Ресен и Боговиње, а во тек е изградбата и реконструкцијата на уште осум градинки во Кавадарци, Неготино, Кочани, Струмица, Пробиштип, Крива Паланка и во скопските општини Кисела Вода и Ѓорче Петров, во кои ќе се згрижат уште 1349 деца.Покрај проширување на постојните и изградба на нови капацитети за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, во рамките на оваа компонента од Проектот се инвестира и во зголемување на квалитетот на услугите во установите за згрижување и воспитание, преку унапредување на наставните програми, обуки на кадарот и имплементација на нови стандарди и нормативи со кои просторот во кој децата престојуваат ќе биде направен согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра.