Скопје, 16.03.2023 – Поголема социјализација, поврзување и подобрување на физичкото и менталното здравје е главна цел на социјалната услуга која се спроведува преку Центарот за дневен претстој за стари лица во општината Чаир во Скопје. Во моментов околу 30 лица од општината го посетуваат Центарот за дневен престој за стари лица во Чаир. Оваа социјална услуга е дел од социјалната реформа чија цел е креирање на услуги во локалните средини кои ќе одговорат на потребите на корисниците. Денес во посета на Центарот за дневен престој за стари лица, кој е дел од социјалните услуги беше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која преку разговор со корисниците на услугите се информираше за придобивките.
„Во Министерството сме посветени на обезбедување различен тип на услуги кои се внимателно дизајнирани да одговорат на потребите на сите категории, но сепак особено внимание обрнуваме на старите лица и нивните потреби бидејќи е наша одговорност да се грижиме за оние кои во различни сектори поставиле стандарди и темели на функционирање. Исто така, особено значаен аспект за нас е родовата еднаквост која значи обезбедување услови за поддршка на жените, со акцент на жените од ранливи категории. Показател на таа определба се и корисничките на овој центар кои се навистина инспиративни жени и од нив има многу што да се научи и да се слушне.“
Министерката Тренчевска при престојот во Центарот за дневен престој за стари лица, посебен фокус стави на корисничките на оваа услуга и ефектите од неа врз подигнување на квалитетот на нивниот животот. Оваа посета е во рамките на кампањата за економско зајакнување и ментално здравје на ранливи категории на жени, кориснички на гарантирана минимална помош, жртви на семејно насилство, жени со попреченост и останати ранливи категории. Во насока на подобрување на состојбата на жените од овие категории Тренчевска апелираше за поголемо користење на оваа и другите социјални услуги кои се достапни за сите корисници.
Активниот начин на живот исполнет со зајакната социјализација позитивно влијае на физичкото и менталното здравје на лицата во третата доба. Оваа социјална услуга е наменета токму за создавање можности за активно стареење, со што лицата во третата доба ќе добијат конкретни активности за подобрување на квалитетот на животот. Преку оваа услуга лицата на возраст од над 65 години можат секојдневно да го посетуваат Центарот, да се дружат со своите врсници, да организираат одредени социјални активности, а во текот на посетата добиваат асистенција од стручните лица кои ги спроведуваат активностите.
Социјалната услуга која е наменета за лицата од третата доба, а е достапна преку овој Дневен центар, е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка, а е дел од сеопфатната социјална реформа во земјава. Освен за корисниците од ранливите категории, социјалната реформа нуди можност и за вработување кај давателите на услугите, а предност имаат баратели на работа од ранливите категории.
Црвениот крст на град Скопје ја обезбедува социјалната услуга во Центарот за дневен престој за стари лица во општината Чаир. За време на посетата на министерката Тренчевска и претставниците од Министерството за труд и социјална политика, Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје ги истакна придобивките од досегашното искуство додаде:
„Активностите кои овозможуваат поголема социјализација и активен начин на живот се покажа како важен сегмент кој досега недостасувал или бил слабо развиен. За кратко време нашите корисници добија можност за дружење, но и вклучување во низа активности кои за нив, но и за заедницата, се од големо значење. Апелираме до граѓаните што повеќе да ги користат услугите на нашиот центар бидејќи резултатите се одлични.“
Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини. Покрај дневниот центри за стари лица, преку овој проект се обезбедува и помош и нега на стари лица во домот, како и три дневни центри за деца со попреченост, а еден проект е фокусиран на рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а ќе бидат опфатени повеќе од 1100 корисници.
Преку вториот јавен повик доделени се избрани се уште 12 проекти во 17 општини, кои се во фаза на лиценцирање и подготовка за спроведување на социјалните услуги. Се очекува до средината на годината да почнат да даваат услуги кон корисниците.