Берово, 01.10.2021 – Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изврши увид во спроведувањето на социјалната услуга за помош и нега во домот која на територијата на општина Берово почна да се имплементира на почетокот на август годинава. Министерката посети корисници на новата услуга во беровските села Русиново и Двориште за директно да се информира дали таа ги задоволува нивните потреби. Услугата им е наменета на лица со навршени 65 години, а кои не се во можност самостојно да се грижат за себе.
„Директните позитивни искуства на корисниците на социјалните услуги се потврда на исправноста на политиките што ги спроведуваме како Влада и како министерство. Исто така, тие се знак дека сите во синџирот на имплементацијата на услугата посветено и професионално си го вршат својот дел од работата, а тоа значи дека системот е успешно поставен и одржливо функционира. Им честитам за тоа на сите нив, особено на општината како организатор и на давателот на услугата Установата `Д-р Иван Влашки`“, изјави министерката за труд и социјална политика Шахпаска, истакнувајќи дека токму децентрализацијата на социјалните услуги е еден од столбовите на социјалната реформа. „Со ваквите услуги го напуштаме концептот на гломазни и централизирани социјални установи и спроведувањето на услугите го пренесуваме на локално ниво, бидејќи тие најдобро ги познаваат локалните специфики и потребите на своите сограѓани.“
Оваа услуга е дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, а во рамки на Проектот подобрување на социјалните услуги, што го имплементира МТСП со финансиска поддршка од Светска банка. Берово е една од 16-те општини кои успешно аплицираа на првиот повик на Министерството за труд и социјална политика со проекти за развивање на услугата за помош и нега на стари лица во домот.
„На наше големо задоволство, Општина Берово со поддршка од централната власт, успешно воспостави услуга за нега и грижа на стари лица во домашни услови. Голема благодарност до сите кои беа вклучени, од самото аплицирање, до моментот на воспоставување на услугата, посебна благодарност до МТСП, до општинските служби, до вработените во ОЈУСЗСЛ ‘д-р Иван Влашки’ и до сите кои придонесоа за успешно воспоставување на услугата. Општина Берово и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите проекти и се разбира ќе продолжиме да работиме на унапредување на социјалните услуги и градење на едно ипштество за сите.“ рече градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски при посетата на корисниците на новата социјална услуга.
Во општина Берово иницијално новата услуга им е достапна на 60-тина лица. Тие добиваат помош при извршувањето на секојдневните активности – лична хигиена, хранење, мобилност во домот, облекување, но и поддршка при чистење во домот, готвење, набавка на намирници и лекови, па сѐ до асистенција при примањето на медицинската помош. Новата социјална услуга во беровско ја спроведуваат вкупно 20 негувателки ангажирани од Установата „Д-р Иван Влашки“ од Берово.
Така, покрај придобивките за корисниците, социјалната реформа отвора можности и за нови вработувања кај давателите на услугите. Преку деинституционализацијата, во давањето на социјалните услуги се вклучува невладиниот и граѓанскиот сектор, физички лица и приватни правни субјекти, со што се обезбедува конкурентност, која треба да доведе до поголема разнообразност и иновации, како и до понатамошно зголемување на квалитетот на услугите испорачани до нејзините корисници.
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници.
Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.