Со новата градинка „Први Стапки“ проширен капацитетот за 100 деца во Општина Карпош

Скопје, 31.08.2023 – Сто дечиња од општината Карпош ќе бидат згрижени во целосно новиот објект именуван „Први стапки“, кој се наоѓа до постојната градинка ЈГДУ „Орце Николов“ во населбата Карпош 3. Во новиот објект на градинката се вработени 12 лица како стручен и технички персонал, кои ќе се грижат за децата. Изградбата на градинката е реализирана според највисоките стандарди на енергетската ефикасност, а изградени се четири нови занимални, кои се бидат опремени со нови дидактички материјали, мебел и опрема за правилен раст и развој на најмладите. Просторот е повеќенаменски и адаптибилен, односно овозможува просториите да се отворат и користат за различните потреби на децата за учење и игра.

„Определбата на Министерството за труд и социјална политика и на Владата е континуирано зголемување на опфатот на децата во градинките како дел од процесот на поттикнување на раниот детски развој и секако целиме кон континуирано намалување на листите за чекање во градинките. Само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го имплементираме со поддршка на Светска банка ги намаливме листите за чекање во десет општини, општина Карпош е единаесетта, а најдоцна до средината на следната година ќе бидат отворени уште пет градинки. Со ова само преку Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се зголеми опфатот на градинките за повеќе од 1900 деца. Како што веќе знаете нашата цел како Влада е до 2024 година опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој да го зголемиме за нови 7.500 места и многу сме блиску до нејзино остварување, “ рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Градинката е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Целта на активностите од компонентата 2 од Проектот е да го зголеми пристапот до услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства. 

Социјалната реформа има за цел создавање на нови социјални услуги согласно потребите на граѓаните и зголемување на бројот на граѓани кои ќе ги користат овие услуги. Општините добиваат грантови од Министерството за труд и социјална политика за изградба на нови детски градинки, за проширување на постојните капацитети и пренамена на постојни објекти во детски градинки. На тој начин, преку мулти-секторска соработка се обезбедува поголема функционалност на услугите,  што е крајна цел на социјалната реформа. 

Градинката е дел од вкупно 16-те нови детски градинки чија изградба се реализира преку компонентата 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика како интегрален дел од севкупната социјална реформа на Владата.