Љубопитност

“Најважното нешто е да HE престанеш да поставуваш прашања. Љубопитноста има сопствена причина за своето постоење” – Алберт Ајнштајн

Љубопитноста како вредност, љубопитноста како карактерна особина, љубопитноста како иницијатива да се дознае, да се разбере, да се научи, е најспецифична за детската возраст. Често пати се вели: Љубопитните очиња ѕиркаат низ прозорец. За дечињата, во периодот кога осознаваат, бараат одговор за прашања кои ним им се непознати, сакаат да дознаат нешто што им е тајновито, љупотитноста е возбудливо чувство на очекување на нештото што наскоро може да се открие.

Полемиките кај развојните психолози, но и дел од научната елита која бара одговори на прашања поврзани со детскиот развој, често пати има двојба дали љубопитноста е позитивно чувство-поттик за учење на нешто ново или може да ги фрустрира децата, посебно како потсетник за нешто непријатно и што уште не е осознаено. Иако дилемите постојат, сепак љубопитноста, посебно кај децата, е поврзана со позитивна емоција, со страста и исчекувањето за нови знаења, вештини и информации.

Секое дете, уште од најрана возраст, се интересира за светот околу него, бара одговор на навидум едноставни, но понекогаш многу загадочни и комплексни прашања, кои токму произлегуваат од неговата љубопитност. Прашањата треба да ги стимулираат и родителите, но и едукаторите и тие да ги насочат кон одговори кои ќе бидат соодветни на детската возраст, но и ќе ги мотивираат и стимулираат за нови знаења.

ПРАШАЈ, ИСКУСИ, ДОЗНАЈ-основните чекори за задоволување на детската љубопитност.

Она што е посебно интересно е што љубопитноста секогаш „поставува“ прашања, а прашањата водат кон нови прашања, а  истото важи и за одговорите. Детето треба да добие одговор на поставеното прашање, но соодветен и прикладен. Секогаш кога станува збор за настан, проблем, непознаница која го окупира детето подолг временски период, љубопитноста е поизразна и не може да биде задоволена со едноставен и еден одговор и во тој случај треба да се следи правилото: Почитувајте го редоследот: Прво прашање, па одговор, па прашање. Само на тој начин ќе се научи детето дека ќе добие одговор, но и дека треба да се има трпение и во континуитет да ги осознава работите. На тој начин ги градите и вредностите и го обликувате детскиот карактер.

Нека не ве плаши преголемата љубопитност кај децата, тие се мали паметни битиа кои постојано истражуваат и сакаат да ја задоволат својата љубопитност. Но и нека не ве плаши некогаш и негативната емоција или страв за нешто за кое детето покажува љубопитност. Затоа препорака е: Не игнорирајте ги стравовите, огнените желби, загрижености и љубопитни прашања кај детето, обидете се да ги разберете. Тоа што детето ви го соопштува во тие моменти се само информации и прашања кои бараат да им се посвети внимание за да ви пренесат порака која ќе им биде ним од корист.

За да знаеме да се справиме со љубопитните загатки и прашања кои постојано ни ги поставуваат најмалите и најмилите мора да прифатиме дека љубопитноста не претставува само емоција, туку таа е и начин на однесување кое треба да го поттикнуваме,  развиеме и растеме. Да ги стимулираме децата секогаш да бидат  отворени за нови знаења и да сакаат да научите нешто ново и корисно. Да ја вложуваме енергијата, задоволувајќи ја нивната љубопитност во постојано  учење и спознавање, наместо да ги ограничуваме само на она што веќе ним им е познато. Затоа користете ги добрите практики и според нив:

  • стимулирајте ја љуботиноста кај детето
  • давајте одговори кои ќе ја задоволат нивната љубопитност и на тој начин ќе стекнат нови знаења и искуства
  • не се плашете од нивната преголема љубопитност, напротив, помогнете им да ја насочат правилно

Дете кое е љубопитно, кое истражува и бара одговори на нему својствени прашања е дете кое има посебна емоционална интелегенција.