Креативноста е модел, начин да избегаме од секојдневната рутина, да направиме нешто поразлично од другите, да се исаткнеме со свој стил, едноставно да бидеме поинакви и свои. Креативно дете е дете кое фантазира, сонува, го „бои светот“ со боите на виножитото, црта, пее, игра на свој сопствен начин, креативното дете е дете на слободата, уметноста и возбудата. Креативното дете љубопитно прашува, сака да осознава, се интересира, бара одговори на несекојдневни прашања, истражува, размислува и создава. Креативното дете не ги прифаќа конформистички сите задачи и не дава секогаш посакувани одговори, тоа ќе смисли нешто со својот креативен ум и ќе те натера и тебе на мисла и размисла. Креативното дете одлучува поинаку од останатите, во играта внесува нов дух и ведрина, внесува нешто интересно, што тоа го креирало за да биде играта поинаква и повозбудлива. Креативното дете и песничката ќе ја испее со поинаков жар, ќе внесе нова гестикулација, и тоа станува забавно и различно. Креативното дете и на обичниот цртеж со облачиња и цветчиња ќе нацрта сонце кое се смее и птица на гранката за да го разубави цртежот. Креативното дете е волшебство и затоа КРЕАТИВНОТО ДЕТЕ ТРЕБА ДА СЕ СТИМУЛИРА, ПОДДРЖУВА И НАГРАДУВА.
Како да ја поттикнеме креативноста кај детето и како да ги стимулираме децата да ја изнедрат и развијат креативноста? Најпрво треба да се поттикне детето да размислува и истражува само, единствено насоки му се потребни и потоа да се остави на неговата имагинација. Да се потенцира на детето дека нема погрешно и лошо во цртањето и смислувањето на нови игри, бидејќи ограничувањата и корекциите во контекст на флоскулите „не си нацртал убаво“, „ на што ти личи цртежот“, „како ја пееш таа песна, груб ти е гласот“, само ќе го дестимулираат детето и ќе ја загушат неговата креативност. Кога ќе му поставите прашање на детето, уште во најраната возраст од предучилишното воспитание и образование, не го прекинувајте во одговорите, не му велете не е така, дозволете му да се искаже и што поразлични одговори кажува со тоа ја развива свеста за нови одговори и можни решенија на задачата која сте му ја поставиле. Поттикнувајте позитивни емоции и внесувајте насмевки кај децата, бидејќи секое дете има претходни стравови и тоа може да придонесе за гушење на неговата креативност. Затоа, ослободете ги од стравот, поттикнете ги да шират насмевка, поддржете ги во нивните новитети и иновации, така ќе се ослободи детето и ќе може да се отвори кон нешто поинакво и различно. На децата треба да им ce даде можност своите креативни способности да ги користат во секојдневните активности. За да дојде до една креација, детето поминува низ емоционални процеси, развивајќи ги фантазијата и самодовербата. Тоа е предизвик за детето да ги трансформира и да ги реализира своите размисли. Многу е интересно што децата можат да бидат креативни на еден неповторлив начин, кој понекогаш е неразбирлив за возрасните, но затоа возрасниот не треба да се чуди, напротив треба да ја стимулира новата енергија и новите идеи кај детето.
Клучните активности кои треба да ги вткаеме во воспитно-образовниот процес со цел развивање на креативноста се следниве:
– Да ги стумулираме да направат нешто што ги интересира
Креативноста и продуктивноста кај децата се појавуваат кога се исклучително мотивирани, возбудени и љубопитни за одредена задача. Токму затоа кај децата треба да ги насочиме да ги одбираат оние задачи во кои ќе уживаат и за кои веќе се чувствуваат инспирирано.
– Поставете им јасни цели
Да ги поттикнеме да бидат специфични и свои кога започнуваат со нова задача. Дали станува збор за нов цртеж, за нова песна, за нова игра, да им се објасни крајната цел и поентата и на тој начин ќе ги мотивираме и нивната креативност ќе се разбуди.
– Обезбедете им тивко и креативно место
Кај голем број деца мирната околина и тивките часови се најдобрите време и место за да се поттикнете нивната продуктивност, најверојатно поради начинот на кој мозочните бранови се движат за време на напливот од креативност. Затоа, кога ќе започнат со цртање, творење, играње, нека го прават тоа на мирно место каде што ќе иматат доволно концентрација да откријат која постапка би била најпродуктивна за завршување на нивните задачи.
Избегнувајте ги прекинувањата и одвлекувањето на вниманието кога детето твори и создава. Прекинувањата се непријателот на креативноста и продуктивноста. Секој пат кога вниманието на детето ќе биде одвлечено, без разлика на начинот на кој тоа се случило, детето ќе излезете конфорната зона, а со и ќе се прекине неговата креативност. На крај стимулирајте ја креативноста бидејќи така ќе придонесете за нови идеи кај децата и за еден прогресивен детски развој.