Кавадарци доби нова современа градинка во која ќе бидат згрижени 142 дечиња

Кавадарци, 27.12.2021 – Социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика продолжува да создава придобивки за граѓаните. Во општината Кавадарци, младите родители и нивните дечиња добиваат на располагање нова градинка „Сонце“, која овозможува згрижување на 142 деца во нови современи услови. Градинката е изградена согласно најсовремените стандарди и овозможува квалитетен престој за децата, но и реализација на концептот учење преку игра, со што значително се подигнува и квалитетот на воспитно-образованиот процес за децата од предучилишна возраст.

Во изградбата на градинката во Кавадарци вложени се 57,4 милиони денари, а изградбата  е реализирана согласно највисоките стандарди за енергетска ефикасност. Градинката ќе користи и обновливи извори на енергија преку систем на сончеви колектори. Средствата се обезбедени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.

Владата и Министерството за труд и социјална политика, креираат политики со кои се стимулира економскиот развој во сите региони. Ние сме наполно свесни дека за економскиот напредок институциите треба да обезбедат поддршка преку нови модерни услуги. Токму новата градинка „Сонце“ е потврда дека ние ги следиме потребите на граѓаните. Имено, со порастот на вработеноста во Кавадарци се јави недостиг од капацитети за згрижување на дечињата во градинките, а со изградбата на новата градинка овој проблем целосно се надминува. Тоа е и целта на социјалната реформа која ја спроведуваме, да создаде нови социјални услуги согласно потребите на граѓаните, а воедно и да придонесе за  зголемување на бројот на граѓани кои ќе ги користат овие услуги. Ние, во Министерството за труд и социјална политика, продолжуваме посветено да работиме на развој на социјалните услуги кои произлегуваат од социјалната реформа, заедно со сите вклучени страни“, истакна Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Со целосната изградба на новата градинка „Сонце“ во Кавадарци се решава големо отворено прашање согласно потребите на граѓаните за зголемување на капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст, вклучувајќи ги децата со посебни потреби, децата од семејства во социјален ризик, како и децата од ромските семејства.

Овој проект е од големо значење за општина Кавадарци, бидејќи е реализиран според високите стандарди за ран детски развој и е една од најубавите и најсовремените во земјата. Покрај големиот бенефит за дечињата, градинката ќе овозможи нови вработувања на воспитувачи и негуватели, односно цел персонал кој ќе се грижи за дечињата и за нивниот детски развој“, истакна Митко Јанчев, градоначалник на општината Кавадарци.

Градинката „Сонце“ ќе функционира во состав на ЈОУДГ „Рада Поцева“ во Кавадарци. Директорката Цанка Добринова при претставувањето на новиот објект и новините во згрижувањето на деца од предучилишна возраст истакна:

Грижата за децата од оваа возраст е една од најблагороднате професии. Горди сме што сега, во нови современи услуги ќе можеме да понудиме уште поквалитетна грижа за детскиот развој“

Градинката во Кавадарци е една од 10-те целосно нови градинки чија изградба е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги. Како дел од Проектот во тек е реконструкција, надградба и адаптација на уште 3 градинки, а 4 се веќе целосно завршени. Со ова се зголемуваат капацитетите за опфат на деца во градинките со над 1900 нови места во повеќе градови и населени места.