Скопје, 14.10.2021 – Поголемата грижата за најмладите и подигнувањето на квалитетот на грижата и условите во градинките стануваат реалност со имплементацијата на социјалната реформа. Во населбата Карпош 3 во Скопје во тек се градежните работи за доградба на постојната градинка ЈГДУ „Орце Николов“. Со ова, по завршувањето на градежните работи, капацитетот на оваа установа за згрижување на децата ќе се зголеми за дополнителни 100 нови места, со што вкупниот капацитет ќе достигне 280.
Со доградбата предвидени се четири нови занимални, кои ќе бидат опремени со нови дидактички материјали, мебел и опрема за правилен раст и развој на најмладите. Зголемувањето на капацитетот на градинката ќе биде од голема полза за граѓаните, особено за младите родители од населбата Карпош 3, бидејќи ќе овозможи и пристап до квалитетна услуга што е цел на социјалната реформа што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика. Доградбата на градинката „Орце Николов“ ќе се прави според највисоките стандарди за енергетска ефикасност. Рокот за завршување на градежните работи е една година, односно до средината на август 2022.
Реконструкцијата и надградбата на градинка чини повеќе од 23 милиони денари, а е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Целта на активностите од компонентата 2 од Проектот е да го зголеми пристапот до социјалните услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства.
„Подобри услови за нашите најмлади е еден од приоритетите на социјалната реформа на чија имплементација сме целосно посветени и во Владата и во Министерството. Резултатите од спроведените политики се јасно видливи и тие се потврда за реалниот бенефит за граѓаните. Грижата за најмладите е огледало на општеството, а секоја држава која се грижи за својата иднина и која гради долгорочен развој, најпрво започнува од создавање на солидни услови за најмладите“, истакна Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика, при увидот во градежните работи на новата градинка.
Социјалната реформа има за цел создавање на нови социјални услуги согласно потребите на граѓаните и зголемување на бројот на граѓани кои ќе ги користат овие услуги. Општините добиваат грантови од Министерството за труд и социјална политика за изградба на нови детски градинки, за проширување на постојните капацитети и пренамена на постојни објекти во детски градинки. На тој начин, преку мулти-секторска соработка се обезбедува поголема функционалност на услугите, што е крајна цел на социјалната реформа.
„Среќен сум што во полн ек е изградбата на трет нов објект на градинка во општина Карпош во изминативе четири години. Нов објект добива најстарата градинка во нашата држава, „Орце Николов“, во Карпош 3. Претходно, нов објект доби градинката „Мајски цвет“ во
Тафталиџе 2, а целосно нова градинка направивме и во Бардовци. Со отворањето на новите градинки ги зголемивме капацитетите за престој и едукација за 173 дечиња. Вложувањето во детската заштита и во подобрување на условите во градинките беше наш приоритет изминативе години. Уверен сум дека грижата за најмладите во Карпош ќе продолжи и понатаму.“, истакна градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кој присуствуваше на увидот.
Преку Проектот за подобрување на социјалните услуги во 16 општини низ земјава во различна фаза на реализација се 16 нови или реконструирани објекти за предучилишно згрижување. Три од овие градинки се градежно завршени, а кај 10 се во тек градежните работи. Според програмата на Владата до 2024, опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој ќе се зголеми за 7.500 нови места.