Скопје, 30.09.2021 – Граѓаните на Волково за првпат ќе добијат градинка во својата населба, која ќе овозможи згрижување на 175 деца до шестгодишна возраст. Ова го најавија министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски по денешниот увид во градежните работи на објектот на новата градинка, што се во завршна фаза, односно во тек е уредување и опремување на објектот.
„Со изградбата на оваа градинка се решава еден изразен проблем на жителите на Волково, кои досега беа приморани да ги носат децата во градинките во другиот дел од општината кои се оддалечени и по неколку километри. На ваков начин, се подобрува квалитетот на нивното живеење и се зголемува опфатот на децата до шест години во системот на предучилишно згрижување, што се исклучително важни цели што сакаме да ги постигнеме со тековните реформи кои, со поддршка од Светска банка, ги спроведуваме во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги“, изјави министерката труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Преку Компонента 2 на Проектот за подобрување на социјалните услуги, општините во земјава добиваат 16 нови градинки, од кои 3 се веќе завршени, а 10 се во процес на реализација. Со ова, капацитетот за опфат на деца наскоро ќе се зголеми за речиси 2.000 нови места за згрижување и образование. Зацртаната цел на Министерството и Владата е до крајот на тековниот мандат е да се постигне 60% опфат на децата во предучилишно образование, со отворање на вкупно 7.500 нови места за прием на децата.
Градинката во Волково се гради според новите архитектонски стандарди за што ефективно учење низ игра и безбеден престој на децата. Градинката ќе има голем кружен атриум со зеленило, а за безгрижна игра на децата во завршна фаза е и уредувањето на надворешното игралиште. Покривната непропусна конструкција е изведена така што во иднина отвора можност за зелен кров, како надоградување на енергетската ефикасност на објектот.
„Навистина сум горд што во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Владата успеавме да ја изградиме првата градинка во Волково. Со овој објект, децата ќе добијат модерен простор за игра и учење по највисоките светски стандарди. Волково постојано расте и се проширува, па со новата градинка етапно решаваме еден од најгорливите проблеми – недостигот на просторни услови за згрижување на децата. Посветено работиме за изградба на уште две нови градинки во Ново Село и Дексион “, рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумовски.
Како дел од сеопфатната социјална реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика, Проектот за подобрување на социјалните услуги преку Компонента 2 има цел да го зголеми пристапот до квалитетни услуги за ран детски развој и да ги подобри условите за предучилишно образование. На општините им се доделуваат грантови за изградба на нови, проширување на постоечки или пренамена на постојни објекти во детски градинки и центри за ран детски развој. Во новите или обновени објекти се воспоставени нови стандарди и нормативи за просторот во кој децата престојуваат кои се уредени согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра.
Во рамките на оваа компонента исто така се имплементираат активности за зголемување на квалитетот на услугите во градинките, преку унапредување на наставните програми и обуки на кадарот за зајакнување на капацитетите на вопитувачите. Во изминатиов период се одржуваа серија работилници на тема КОНСТРУКТИВИЗАМ, УЧЕЊЕ ЗАСНОВАНО НА ПРОБЛЕМИ, УЧЕЊЕ БАЗИРАНО НА ИГРА, а во следниот период ваквиот тип на обуки ќе продолжи. Сакаме добро обучен, континуирано поддржан и компетентен кадар, кој ќе обезбеди висококвалитетна педагогија и услови за учење, што пак, ќе го поттикне целокупниот развој на децата и ќе ги зголемува резултатите од учењето.