Босилово, 04.09.2023 – Пензионерите и постарите лица кои живеат во општина Босилово за првпат добиваат Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. Центарот е лоциран во населеното место Турново и ќе може секојдневно да го посетуваат до 24 корисници, каде преку различен вид активности кои ќе се спроведуваат под надзор на стручни лица, добиваат можност за квалитетен, активен живот и социјализација.
Отворањето на овој центар се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска Банка, во рамки на социјалната реформа која започна да се спроведува во 2019 година. Една од клучните цели на оваа реформа е зголемување на достапноста на социјалните услуги на локално ниво, до оние граѓани на кои тие им се најпотребни.
„Центрите за дневен престој на стари лица за активно стареење се еден тип на социјална услуга која е наменета за активните стари лица и им овозможуваат на старите лица низ разновидни активности да бидат ангажирани, да се дружат, како и квалитетно да го исполнат нивното време. Јас сум многу задоволна што денеска ќе ја врачиме лиценцата за вршење дејност на третиот центар за дневен престој на стари лица и верувам дека истиот ќе им носи многу дружба и активности на жителите од село Турново. Задоволството е поголемо што се работи за рурална средина и тоа покажува дека ние сме посветени на изградба на систем на социјални услуги низ целата земја, со акцент на одалечените места“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Инаку, во рамки на Компонентата 1 од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, досега е обезбедена соодветна поддршка за реализација на 34 поединечни проекти за воведување социјални услуги во 41 општина ширум земјата. Покрај отворање дневни центри за активно стареење, со овие проекти дадена е и конкретна поддршка за развој на друг вид нови социјални услуги, како што се: дневни центри за престој на лица и деца со попреченост, центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и развој на услугите лична асистенција, помош и нега во домот и други. За давање на овие социјални услуги досега се обучени и лиценцирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.